ДАЛИ АРТАН ГРУБИ ЈА КУПУВА СЛОБОДАТА СО ТАЈНИТЕ НА ДУИ? Истекува рокот за куќен притвор, а од обвинение ни трага ни глас, предупредува ВЛЕН

ВЛЕН бара од Обвинителството да престане да игра криенка со правдата и јавно да каже зошто сè уште нема обвинение во случајот „Лотарија“, каде заглавија постапките и дали воопшто презело нешто по наодите на американските власти, соопшти партијата.

151

Се навршуваат речиси шест месеци откако на црната кутија на ДУИ, Артан Груби, му беше определен куќен притвор во случајот „Лотарија”, а од обвинение сè уште нема ни трага ни глас, предупредува ВЛЕН.

На 22 август истекува максималниот рок за оваа мерка, а Обвинителството и натаму оди со полжавски чекори, додава партијата.






„Дали Артан Груби ја отворил устата, пропеал и токму затоа целиот случај се развлекува? Во меѓувреме, прав фаќа и прашањето за наводите поради кои Груби заврши на американската црна листа, а јавноста со право прашува дали Обвинителството воопшто постапува. Нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, го стави Груби на црната листа поради корупција од високо ниво“, соопшти ВЛЕН.

Артан Груби не е кој било поранешен функционер, додава партијата.

„Тој е црната кутија на ДУИ. Знае кој ги влечеше конците, кој ги склопуваше зделките и во чии џебови завршуваа парите од коцкарскиот бизнис. Затоа Али Ахмети има причина да спие со едното око затворено, а со другото да го следи Груби. За да му се тргне маката на Али Ахмети и јавноста да добие јасна слика, ВЛЕН бара од Обвинителството да престане да игра криенка со правдата и јавно да каже зошто сè уште нема обвинение во случајот „Лотарија“, каде заглавија постапките и дали воопшто презело нешто по наодите на американските власти“, се вели во соопштението на ВЛЕН.

Поврзани содржини