ПОСТОЈАНИ КОНТРОЛИ НА ОТКУПНИТЕ ПУНКТОВИ ЗА ПИПЕРКИ Се работи на стабилизирање на откупот на пиперката
На средбата со откупувачите министерот Серафимовски потсети на обврската условите за откуп да бидат однапред познати, цените јавно истакнати, а класификацијата прецизна и доследна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска во Струмица оствари одделни средби со претставници на регистрираните откупувачи – трговци и со производителите на пиперка од Струмичко.
Во разговорот со откупувачите беа отворени прашањата за тековната динамика на откупот, цените според класата и намената на производот, количините што можат да бидат преземени, извозните можности и навремената исплата кон производителите на пиперка.
На средбата министерот Серафимовски потсети на обврската условите за откуп да бидат однапред познати, цените јавно истакнати, а класификацијата прецизна и доследна.
– Цената ја определуваат пазарните услови, но начинот на кој се одвива откупот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив. Улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да ги сослуша аргументите на сите страни, да обезбеди почитување на правилата и да придонесе за откуп на пиперката што ќе го вреднува трудот на земјоделците и ќе овозможи непречен пласман – истакна министерот Серафимовски.
На одделната средба со производителите на пиперка беа сослушани нивните забелешки и барања поврзани со почетните откупни цени, производствените трошоци и последиците од временските непогоди врз годинашната реколта.
Министерот Серафимовски истакна дека секој земјоделец, независно дали настапува индивидуално или преку здружение, има право неговите аргументи да бидат разгледани сериозно и одговорно.
– Зад секој предаден килограм стојат вложувања, труд и приход на едно земјоделско семејство. Затоа разговорот за откупот не смее да се сведе само на бројки, туку мора да ја опфати и одговорноста на секој учесник во синџирот. Секој земјоделец што се соочува со реален проблем е легитимен соговорник – порача министерот Серафимовски.
Министерот Серафимовски информираше дека Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа ќе бидат преземени соодветни мерки.
Во текот на наредната недела министерот Серафимовски ќе се сретне и со сопствениците на преработувачките капацитети, со кои ќе разговара за расположливите капацитети, планираните количини за откуп и можностите за пласман на годинашната реколта на пиперката.