Климата како безбедносно прашање во Европа
Долго време, климатските прашања се третирани првенствено како прашања на емисии, енергија и одржлив развој. Но, во последниве години, климата стана и проблем за министерствата за одбрана, разузнавачките служби и форумите за безбедносна политика.
Жежок обрач од година во година се затегнува околу Европа. Уште едно лето е обележано со пожари и рекордни температури, поради што климатската криза станува сè потешко да се игнорира. Предупредувањата стануваат уште подраматични бидејќи предизвикот повеќе не е да се разбере што се случува, туку да се дејствува на време. Без да се затвораат очите пред реалноста.
Научните истражувања постојано алармираат за тоа како климатските промени предизвикани од човекот и губењето на биодиверзитетот претставуваат сериозни и растечки закани за човештвото, со последици кои се движат од акутен топлотен стрес до зголемен недостиг на храна и вода и ризик од колапс на важни екосистеми.
Во исто време политичарите постојано ги игнорираат овие аларми, ги отфрлаат како индивидуални, недоволно конкретизирани мислења и ги потценуваат еколошките активисти кои се посветени на иднина во која ќе може да се живее врз основа на недвосмислени истражувања. Додека тоа се случува, јасно се гледаат последиците од климатските кризи. Европа во изминатите години беше погодена од неколку екстремни топлотни бранови за кои се проценува дека одзеле животи на над 200.000 луѓе.
Голем број експерти во Европа укажуваат дека различните начини на разбирање на климатските промени влијаат на она што се перцепира како проблем, одговорност и можни решенија. Долго време, климатските прашања се третирани првенствено како прашања на емисии, енергија и одржлив развој. Но, во последниве години, климата стана и проблем за министерствата за одбрана, разузнавачките служби и форумите за безбедносна политика. Од Лондон до Брисел и пошироко, климатските промени сè повеќе се опишуваат како закана за националната безбедност, социјалната стабилност и за геополитичкиот поредок.
Во ЕУ големото актуелно прашање не е дали Унијата треба да има амбициозна политика за климата, туку колку тешко и колку брзо треба да се случи транзицијата без да се наштети на европската индустрија и работните места. Ова е дебатата што доминира во политиката на ЕУ за климата во моментов. ЕУ законски се обврза да ја постигне климатската цел и да ги намали емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 проценти до 2030 година. Земјите од ЕУ, всушност, усвоија ново законодавство за да ја постигнат оваа цел и да ја направат ЕУ климатски неутрална до 2050 година.
Напоредно на тоа, институциите на ЕУ предупредуваат дека сезоната на пожари стана подолга и дека големите пожари повеќе не се ограничени само на јужна Европа. Земји како Грција, Шпанија, Португалија и Италија сè уште се најтешко погодени, но земјите подалеку на север, исто така, се соочуваат со зголемени ризици.
Политичкото влијание е можеби уште поважно. Повторливите пожари често ги користат застапниците на побрза климатска транзиција како доказ дека климатските промени веќе имаат конкретни последици. Сепак, критичарите тврдат дека ЕУ мора да се фокусира повеќе и на управувањето со шумите, противпожарните појаси, чистењето на вегетацијата и мерките за адаптација, бидејќи не можат сите пожари да се објаснат преку климатските промени. Голем број пожари се предизвикани од човечка активност, лошо управување со шумите или од подметнување пожар. Во секој случај, ЕУ ги гледа големите пожари како сериозен проблем и аргумент и за климатска акција и за подобра подготвеност за вонредни состојби.
Во меѓувреме движењата низ Европа ги менуваат насоките. Туристите почнаа да се селат на „студениот“ Север. Како што се зголемуваат топлотните бранови и шумските пожари во јужна Европа, интересот за нордискиот регион како туристичка дестинација е во постојан пораст. Голем број актуелни прогнози и анализи на трендови покажуваат дека нордискиот регион ќе добива сè поголем дел од европскиот туризам во наредните години, иако се очекува медитеранските земји и понатаму да бидат најголемите туристички дестинации.
Едно важно објаснување е феноменот на „coolcation“ (свеж одмор и бегство од горештините). Луѓето избираат поладни дестинации за одмор наместо области погодени од екстремна топлина. Туристичката индустрија известува за растечки интерес за Шведска, Норвешка, Финска, Данска и за Исланд, особено од Велика Британија, Германија и Северна Америка, но и од Франција, Шпанија и од други европски земји.
Неколку истражувања покажуваат дека климата станува сè поважна за изборот на патувањата. Според податоците на кои се повикуваат нордиски организации и институти, меѓу кои и „Visit Sweden“, дури 81 процент од анкетираните европски патници велат дека климата влијае на нивното однесување при патувањето, а 28 проценти претпочитаат дестинации со поблаги температури.
Во исто време, јужна Европа доживеа повторливи топлотни бранови, суши и шумски пожари во последните години. Летото 2026 година очигледно повторно се карактеризира со температури над 40 степени во делови од јужноевропските земји, што влијае и на локалното население и на туристите.
Сепак, ова не значи дека туристите го напуштаат Медитеранот. Напротив, статистиката од Европската комисија за патувања покажува дека земји како Грција, Италија и Шпанија сè уште доживуваат многу силен раст на бројот на посетители. Но, во исто време, нордискиот удел расте побрзо од порано, а Северна Европа имаше посилно зголемување на туристички посети и ноќевања од просекот на ЕУ во 2026 година.
Климатските последици во голем дел веројатно можеле да бидат избегнати доколку се дејствувало многу порано. Со текот на годините низа еколошки истражувачи протестираа против политичката парализа, а големо мнозинство од населението во глобални рамки сака да види и поамбициозна климатска политика. Но, не е доволна само волја да се донесат промени кога политички моќници се спротивставуваат на тоа, шират дезинформации и придонесуваат за лажната слика дека оние кои бараат построга климатска политика се малцинство. Задача на политиката, всушност, е да ги спореди знаењето со различни вредности и да дејствува за доброто на општеството, а не да ги игнорира незгодните вистини. Станува збор за вредности што скоро секој сака да ги промовира, а тоа се безбедноста, егзистенцијата, доброто здравје и функционалните екосистеми.
Што се однесува до Македонија, климатските трендови се мошне јасни. Расте бројот на денови над 40 степени, а градовите сè потешко се разладуваат. Климатските промени веќе не се приказна за иднината, тие веќе го менуваат секојдневниот живот во Македонија.
Но агендите на политичките партии главно поттикнува атмосфера на политичко однесување во која сите, повеќе или помалку, се втурнати во вителот на меѓусебни обвинувања и дисквалификации преку набрзина срочени и лиферувани партиски соопштенија. Мошне малку од сето тоа го допира проблемот на нарушувањата што ги трпи еколошкиот систем во земјата. Каде, на пример, исчезна, (колку да се потсетиме во оваа пригода), „зелената агенда“ на ДУИ, за политика за „еколошка правда и квалитетен живот“, која на Али Ахмети по сè изгледа му беше потребна колку за една изборна кампања.
Ниту пак другите македонски политички партии не покажуваат поголема посветеност на климатските прашања, кои, судејќи според општите впечатоци, не би можело да се каже дека го привлекуваат нивното интересирање повеќе од, да речеме, ланскиот снег, кој, впрочем, на улиците во Скопје и во други македонски градови веќе од поодамна претставува реткост.
Топењето на асфалтот под нозете и под автомобилските гуми е несомнено многу пожешко и поакутно прашање. Па и судбоносно.