КОМАРЦИТЕ СЕ ЗАКАНА ЗА ЗДРАВЈЕТО Даниловски предупредува кои лица се најзагрозени од западнонилска треска

Епидемиологот апелира граѓаните да ја отстрануваат застоената вода околу домовите и веднаш да побараат лекарска помош при појава на симптоми на западнонилска треска.

139

Западнонилската треска може значително да се спречи доколку граѓаните доследно ги применуваат мерките за заштита од комарци, предупредува епидемиологот д-р Драган Даниловски. Тој апелира да не се остава застоена вода околу домовите, бидејќи токму таму најлесно се размножува тигрестиот комарец.

Во интервју за ТВ Телма, Даниловски посочи дека најголем ризик од тешка форма на болеста имаат постарите лица, хронично болните и луѓето со ослабен имунитет.






– Најголем ризик за тешка форма на западнонилска треска имаат постарите лица, хронично болните и оние со ослабен имунитет. Личната заштита е исклучително важна, носење соодветна облека, поставување мрежи на прозорците и отстранување на застоената вода околу домовите – изјави Даниловски.

Тој предупреди дека старите автомобилски гуми, пластичните садови, тацните под саксиите, бурињата, садовите за домашни миленици и неисчистените олуци претставуваат идеални места за размножување на комарците.

Епидемиологот Даниловски посочи на симптомите на западнонилска треска – висока температура, силна главоболка, кочење на вратот, дури нарушена свест, парализа… и рече дека доколку се појават граѓаните веднаш треба да одат на преглед кај лекар.

Тој го опиша тигрестиот комарец како подоминантен, повитален и посупериорен од оној некогашниот „домашен“ комарец и е активен 24 часа.

– Тигрестиот комарец е способен да се размножува во многу мали количини вода. Тоа е фантастично колку се животоспособни. Мали оние тацни под вазните ако имате дома или во двор, малку водичка ако има таму, е, доволно. Пластични садови, порции од домашни миленици, автомобилски гуми, пластични буриња, олуци – олуците мораат постојано да бидат исчистени, да не собираат таму вода – предупреди докторот.

Поврзани содржини