ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА СЕ ШИРИ ВО СКОПЈЕ И ВО ВЕЛЕС Најризично е во Драчево, најавено е вонредно прскање

Околу домовите на заразените се спроведени вонредни прскања, а Министерството апелира граѓаните да не дозволуваат задржување вода каде што се размножуваат комарците.

364

Најголемиот дел од регистрираните случаи на западнонилска треска во Македонија се од Скопскиот регион и Велес, изјави министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи дека надлежните веќе спровеле вонредни прскања против комарци и провериле дали општините навреме ги реализирале редовните третмани.

Клековски во интервју за телевизија „Канал 5“ рече дека околу домовите на сите регистрирани пациенти биле извршени вонредни прскања во радиус од 200 метри.






– Во Драчево, каде што има пет потврдени случаи, беше спроведено прскање од земја, кое е поефикасно од авионското прскање – истакна министерот.

Тој додаде дека е извршена контрола и во Скопје и во останатите општини, при што најголемиот дел ги почитувале планираните термини за прскање против комарци.

– Сега останува и граѓаните да придонесат со лична заштита и да не дозволуваат задржување вода во дворовите, градините и другите места каде што можат да се размножуваат комарците – порача Клековски.

Министерот потсети дека западнонилската треска не е нова болест во земјава и дека најголем број случаи биле регистрирани во 2019 година.

– По минатогодишните случаи, како директор на Фондот за здравствено осигурување обезбедивме средства за тестирање на даруваната крв во Институтот за трансфузиона медицина, за да се спречи можен пренос преку трансфузија – рече тој.

Клековски нагласи дека вирусот не се пренесува од човек на човек, ниту преку комарец што каснал заразено лице. Како природни домаќини на вирусот ги посочи дивите птици, додека комарците се преносители на инфекцијата.

Тој потсети дека во минатото голем дел од случаите биле поврзани со летувања во Грција, додека годинава најголем број инфекции се регистрирани во регионот на Атика. Според него, ширењето на болеста кон Романија и Хрватска покажува дека западнонилската треска повеќе не е карактеристична само за медитеранските земји.

Министерот истакна дека македонскиот здравствен систем има капацитет навреме да дијагностицира и ретки заразни болести, но апелираше до граѓаните кои се враќаат од тропски дестинации веднаш да побараат лекарска помош доколку добијат висока температура или треска.

Тој додаде дека во Македонија две години немало регистрирани случаи на маларија, а годинава се потврдени четири случаи на маларија, три случаи на денга и еден случај на зика.

– Не треба да се опуштаме кога патуваме, особено во регионот на Индискиот Океан, како што се Занзибар и Малдивите – порача Клековски.

Поврзани содржини