МЕСЕЧИНАТА ЌЕ „ЗАГРИЗЕ“ ДЕЛ ОД СОНЦЕТО Делумното затемнување ќе биде видливо и кај нас

Астрономите препорачуваат набљудувањето да се врши исклучиво со специјални соларни очила или филтри, а најдобри услови ќе има на повисоки места со отворен поглед кон запад.

116

Македонија на 12 август ќе има можност да биде сведок на делумно затемнување на Сонцето, а астрономите посочуваат дека, иако затемнувањето ќе биде мало, станува збор за редок небесен настан што вреди да се проследи.

Според експертите за астрономија, затемнувањето ќе започне во вечерните часови, кога Месечината ќе почне делумно да го покрива сончевиот диск. Во југозападниот дел од земјата ќе биде покриен мал дел од Сонцето – околу 6,36 проценти од неговиот дијаметар, односно приближно 1,91 процент од вкупната површина.






Бидејќи Месечината ќе допре само мал дел од Сонцето, експертите предупредуваат дека за безбедно и јасно набљудување ќе бидат потребни специјални заштитни очила за набљудување на Сонцето или соодветни соларни филтри. Гледањето директно во Сонцето без заштита може сериозно да го оштети видот.

Дополнителен предизвик ќе биде тоа што затемнувањето ќе се случува непосредно пред зајдисонце, па на многу места Сонцето ќе исчезне зад хоризонтот пред да се достигне максимумот на појавата.

Поради тоа, астрономите препорачуваат набљудувањето да се организира од повисоки места со отворен поглед кон запад и северозапад, каде Сонцето ќе остане видливо нешто подолго и ќе може да се проследи најинтересниот дел од затемнувањето.

Иако целосното затемнување ќе биде видливо од северна Шпанија и источниот брег на Гренланд, Македонија ќе биде меѓу земјите од кои ќе може да се следи делумната фаза. Според проценките на експертите, најдобри услови за набљудување во земјава ќе има во гостиварскиот регион, особено од повисоките предели на Сува Гора.

Поврзани содржини