ПАРИТЕ ОД КАЗНИТЕ ЗАВРШУВАЛЕ ВО НЕГОВ ЏЕБ Притвор за полицаец осомничен дека ги присвојувал уплатите и пуштал возила од депото без казна

Осомничениот, според истрагата, со месеци наплаќал казни во готовина, користел стари ПОС-потврди и им овозможувал на дел од возачите бесплатно да ги подигнат возилата од депото.

0

Полициски службеник од Одделението за безбедност на сообраќајот при СВР Скопје е приведен под сомнение дека со месеци незаконски присвојувал пари од сообраќајни казни и им овозможувал на дел од возачите да ги подигнат возилата од депото на ЈП „Градски паркинг“ без да платат глоба.

Според истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, полицискиот службеник од април до јули годинава ја злоупотребувал службената положба, при што предизвикал штета на државниот буџет од најмалку 85.500 денари.






Истражителите утврдиле дека додека бил на должност во депото на ЈП „Градски паркинг“, на возачите чии автомобили биле подигнати со пајак-службата им наплаќал казни во готово, наместо преку ПОС-терминал. За да изгледа дека уплатата е извршена, на записниците приложувал потврди од претходно реализирани трансакции за сосема други лица, а парите што ги добивал во готовина ги задржувал за себе.

Во други случаи, според обвинителството, прекршоците намерно ги евидентирал како поблаги од реалните, со што на возачите им изрекувал пониски глоби.

Истрагата покажала и дека на дел од возачите воопшто не им изготвувал прекршочни записници, ниту им наплаќал казни, иако нивните автомобили биле донесени во депото по налог за отстранување. Наместо тоа, им дозволувал возилата да го напуштат депото истиот ден без да ги подмират законските обврски.

Поради опасност од бегство, можност за повторување на делото и влијание врз сведоци, обвинителството побарало притвор за осомничениот.

Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот и му определил мерка притвор во траење од осум дена, додека истрагата продолжува.

Поврзани содржини