МУ РЕКОЛ НА РАБОТНИКОТ „ЦИГАН“, А ТОЈ МУ ВОЗВРАТИЛ СО „ШИПТАР“ Како една грешка во мерење стана случај на дискриминација

Од фирмата во која биле вработени двајцата што се навредувале меѓу себе, ѝ одговориле на Комисијата за заштита од дискриминација дека конфликтот избил кога работникот пробал да го намести шефот дека е крив за згрешените димензии и за направената штета, кои биле негова грешка.

429

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила случај на вознемирување врз основа на раса, боја на кожата, потекло и етничка и национална припадност во работата и работните односи, сторена од шеф Албанец кон работник од ромска националност.

Настанот се случил при спор меѓу колеги, Ром и Албанец, поради тоа што лицето од ромска припадност зело погрешна мерка за врата. Во настанатата расправија биле користени вулгарни зборови и пцости. Работникот Ром подоцна пријавил дека колегата го нарекол „Циган“, а во текот на процесот тој нему му возвратил со „Шиптар“, но Албанецот не се пожалил во Комисијата.






Работник Ром поднел претставка до Комисијата во ноември 2025 против неговиот претпоставен Албанец.

„При извршување на работни задачи на терен во Тетово, кога вработените вршеле монтажа на ПП врати, главниот мајстор (Албанецот) почнал на агресивен начин да го пцуе, затоа што згрешил само при мерење, ништо повеќе. Потенцијалниот дискриминатор употребувал недолични и вулгарни зборови, го навредувал по националност, на висок тон, поради што се собрале 4-5 луѓе околу нив. Подносителот (Ромот) наведува дека исплашен заминал кон автомобилот и дека по пат при враќање кон Скопје, главниот мајстор повторно го пцуел, навредувал и му покажувал тупаници. Додека се враќале назад кон Скопје, му се јавил на газдата кој го слушнал викањето и му рекол да остане смирен. Тој не реагирал никако, но потенцијалниот дискриминатор одеднаш го фатил воланот и му рекол дека ќе ја сврти колата, но тој успеал да остане смирен и да се престрои во десна лента каде го запрел автомобилот, и кога излегол од автомобилот му се јавил на газдата и му кажал што се случило“, се наведува во образложението на Мислењето на КСЗД.

Кога се вратиле во фирмата, пријавителот со инцидентот ја запознал и сопругата на газдата на фирмата. Според кажаното во претставката, шефот и пред неа му се дерел, велејќи му погрдни зборови: „Циган, не сакам да те гледам“.

Комисијата се обратила до фирмата, а таму интерно веќе била спроведена дисциплинска постапка, вината била споделена кај двајцата, им биле изречени опомени. Веднаш бил донесен и Правилник за заштита од вознемирување на работното место, кој е објавен на огласната табла на претпријатието. Но, и кај работникот кој пријавува вознемирување, била констатирана крупна професионална грешка.

Од фирмата ѝ одговориле на Комисијата за заштита од дискриминација дека конфликтот избил кога всушност работникот фатил да го провоцира мајсторот и пробал да го намести дека тој е крив за згрешените димензии и направената штета.

„Откако ја добила информацијата за кавгата меѓу двајцата вработени (сопругата на газдата) ги сослушала секој поединечно и преку соочување двајцата вработени. Како причина за инцидентот наведуваат дека утврдено е дека подносителот на претставката на терен направил сериозен професионален пропуст со тоа што запишал погрешни мерки и предметната врата поради тоа не можела да биде монтирана. Подносителот на претставката наместо да ја признае грешката, почнал да ги брише мерките кои претходно ги запишал на ѕидот со цел да ја сокрие својата одговорност, активност која посочениот потенцијален дискриминатор ја снимил со својот мобилен телефон“, се посочува во образложението.

Ескалацијата на конфликтот, како што се наведува во произнесеното, се јавила во моментот кога подносителот на претставката (Ромот) се обидел да го испровоцира и да ја префрли вината врз колегата, по што се отворила вербална расправија со размена на навреди.

Во одговорот до Комисијата се пожалил и пријавениот, мајсторот на монтажа. Тој рекол дека кога стигнале на терен, увидел дека вратата не соодветствува на влезната дупка и оти мерките претходно запишани од пријавителот биле целосно погрешни.

„И наместо да каже дека згрешил, почна да ме напаѓа и да ме прави мене виновен. Видов како почна да ги брише погрешните мерки што ги напишал претходно на ѕидот за да прикрие дека згрешил, а јас го снимив што прави, за да имам доказ. Почнавме да се расправаме. Го прашав зошто лаже, а тој почна да ме провоцира, нарекувајќи ме ‘Шиптар’. Тогаш многу се изнервирав и му кажав лоши зборови. Кога се вративме во фирмата, на раководителката ѝ ја покажав видеоснимката“, наведува пријавениот мајстор.

Комисијата сепак донела препорака пријавениот во иднина да се воздржи од постапување кон други лица врз дискриминаторски основи што има за цел или последица повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

 

Поврзани содржини