АНДОНОВСКА СО КРИТИКА ДО ФИЛИПЧЕ Лицемерието изгледа вака – среде операција со фотоапарат, па на концерт и јахта, вели директорката на ИЈЗ
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, преку социјалните мрежи упати критики кон поранешниот министер за здравство Венко Филипче, потсетувајќи на спорните теми од неговиот мандат.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, упати остри критики кон опозицискиот лидер Венко Филипче, обвинувајќи го за, како што вели, обиди за „хуманизација“ пред јавноста по неговото министерување со здравствениот сектор.
Андоновска во објава на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека граѓаните не ги забораваат случувањата од периодот кога Филипче беше министер за здравство.
„Лицемерието изгледа вака. Доаѓа еден час на клиника, со фотоапарат, се фотографира среде операција, и потоа на концерт на Харис Џиновиќ или на јахтата на Заев. И сè така“, напиша Андоновска.
Таа додава дека, според неа, обидите за создавање поинаква слика во јавноста не поминуваат кај граѓаните.
„Хуманизацијата не е успешна затоа што народот знае и за кинеските вакцини, и за модуларната болница и за тендерите, и за распаднатите и ограбени здравствени институции кои ги остави зад себе без око да му трепне“, наведува директорката на ИЈЗ.
Андоновска потенцира дека граѓаните, како што вели, не забораваат на случувањата во здравството.
„И што е најважно, не заборава!“, напиша директорката на Институтот за јавно здравје.
Нејзината реакција доаѓа во период на политички препукувања меѓу власта и опозицијата околу состојбите во здравствениот систем и одговорноста за проблемите од минатото.