ПОДМЕТНАТ ПОЖАР КАЈ КАВАДАРЦИ, ПОЛИЦИЈАТА ГО ЗНАЕ ОСОМНИЧЕНИОТ Огнот бил запален на пет места
Пожарот кој избувна во близина на Кавадарци бил предизвикан на пет различни локации, а по брзата интервенција на пожарникарите и службите е ставен под контрола. ДЗС апелира на внимателност поради зголемениот ризик од нови пожари.
Пожарот кој доцна синоќа избувнал на околу 20 километри од Кавадарци бил намерно предизвикан, односно подметнат на пет различни локации, а полицијата веќе има осомничено лице, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според Ангелов, гаснењето на пожарот било особено тешко поради стрмниот и непристапен терен, но благодарение на брзата реакција на екипите, огнот бил ставен под целосна контрола во раните утрински часови.
– Градоначалникот Митко Јанчев цела ноќ беше на терен заедно со пожарникарите. Некаде пред пет часот успеаја целосно да го локализираат и изгаснат пожарот. На терен сè уште има пожарникари кои дежураат за да се спречи негово повторно разгорување – изјави Ангелов.
Тој посочи дека вработени во Јавното претпријатие „Национални шуми“ го забележале осомниченото лице, кое првично побегнало од возилото, но подоцна било пронајдено.
– Во моментов кавадаречката полиција разговара со лицето. Се надевам дека ќе бидат обезбедени доволно докази за да биде изведено пред лицето на правдата – рече директорот на ДЗС.
Ангелов информираше дека во текот на вчерашниот ден низ државата биле регистрирани околу 30 пожари на отворен простор. Меѓу нив биле и два поголеми пожари во Гостивар, кои во меѓувреме се изгаснати.
Тој повторно апелираше до граѓаните да бидат исклучително внимателни, особено во периодот на празници и зголемено движење во природа, како и поради почетокот на ловната сезона, кога ризикот од пожари е значително зголемен.
– Доволна е само една искра за да се предизвика пожар со катастрофални последици – предупреди Ангелов, потсетувајќи дека за предизвикување пожари се предвидени високи казни.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, заедно со сите расположливи екипи е на терен, правејќи максимални напори за пожарот што побрзо да биде ставен под контрола и да се спречи неговото понатамошно ширење.
– Во гаснењето учествуваат четири пинцгауери, два унимога, камион на Шумското стопанство, два џипа и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, а од 18:00 часот во акцијата ќе се вклучат и два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи и Армијата – објави на Фејсбук градоначалникот Јанчев.
На терен дејствуваат и екипи на Територијалната противпожарна единица, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција и Шумското стопанство – Кавадарци.
– Сите расположливи ресурси се ставени во функција и се вложуваат максимални напори за пожарот што побрзо да биде ставен под контрола и да се спречи неговото понатамошно ширење – истакна Јанчев упатувајќи апел до граѓаните да не се приближуваат до загрозеното подрачје, да ги почитуваат насоките на надлежните служби и веднаш да пријават доколку забележат ново жариште или сомнителни активности.