ЕДЕН ЧАС ЧЕКАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ Колони на Табановце, Богородица и Дојран
Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но поради зголемената фреквенција на возила на Табановце, Богородица и Дојран се чека околу еден час.
Зголемена фреквенција на возила е забележана на неколку гранични премини, каде што возачите утринава чекаат околу еден час, додека на државните патишта низ земјава сообраќајот се одвива непречено по суви коловози, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Според АМСМ, интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а условите за возење се поволни.
Поради зголемен број патници и возила, на граничниот премин Табановце за влез во државата се чека околу еден час. Исто толку е времето на чекање и на граничните премини Богородица и Дојран за излез од државата.
На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од земјата.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да возат внимателно, особено на делниците каде што постои опасност од појава на одрони.
„Особена внимателност се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде што е можна појава на одрони во клисурите, речните долини и котлините“, соопштија од АМСМ.