УСТАВНИТЕ ПРОМЕНИ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ „НЕПОВРАТНИ“ Огнен Вангелов предлага модел на уставно-правна заштита од бугарското вето

Во интервју за порталот МКД, политикологот Огнен Вангелов предлага комбинирана стратегија со која Македонија би го намалила ризикот од нови бугарски блокади на европскиот пат.

140

 

Политикологот Огнен Вангелов смета дека Македонија треба да развие сопствени механизми за заштита од можни нови бугарски блокади во процесот на евроинтеграциите, наместо да се потпира на неизвесни промени во правилата за одлучување во Европската Унија. Во интервју за порталот МКД, тој предлага комбиниран правен, дипломатски и политички пристап, чија централна идеја е уставните измени да не бидат неповратна отстапка доколку Софија повторно го злоупотреби правото на вето.






Вангелов оценува дека не постои реален механизам со кој однапред може да ѝ се одземе на Бугарија можноста за вето, освен евентуална промена на принципот на едногласност во ЕУ. Бидејќи такво решение не зависи од Македонија и не е извесно кога би се случило, според него, државата мора да ја намали сопствената ранливост и политичката тежина на бугарските условувања.

Како прв столб на таквата стратегија, Вангелов предлага уставно-правна самозаштита. Ако се усвојат уставни измени, тие, според него, не треба трајно да важат доколку Бугарија повторно ја блокира Македонија поради историски, јазични или идентитетски прашања што не се дел од европското право. Затоа предлага уставноправните експерти да изнајдат механизам со кој измените автоматски би престанале да важат во случај на такво вето, без повторно да биде потребно двотретинско мнозинство.

Вториот елемент од неговиот предлог се однесува на Вториот протокол меѓу Скопје и Софија. Вангелов смета дека преку механизмите предвидени во Договорот за добрососедство треба да се бара негово прецизирање или изменување, така што прашањата поврзани со историјата, образованието, културата и јавната меморија повеќе да не претставуваат дел од пристапниот процес кон Европската Унија. Според него, Историската комисија треба повторно да функционира како експертско, а не политичко тело.

Третиот столб е засилена дипломатска офанзива кон земјите членки на ЕУ и европските институции. Вангелов смета дека Македонија треба постојано да објаснува дека суштината на спорот не е само внесувањето на Бугарите во Уставот, туку обидот историските и идентитетските толкувања на Софија да се претворат во долгорочни услови за членство. Таквиот пристап, според него, нема да го елиминира ветото, но може да ја намали неговата легитимност и да ја зголеми политичката цена за државата што го користи.

Во интервјуто за МКД, Вангелов заклучува дека решението не лежи во еден дипломатски потег, туку во комбинирана стратегија: продолжување на реформите и европскиот курс, истовремено со создавање внатрешни правни гаранции, разграничување на билатералните прашања од пристапниот процес и градење поширока европска поддршка против злоупотребата на правото на вето.

Поврзани содржини