🎥 БЕН АФЛЕК ПОБЕДИ ВО КВИЗОТ „КОЈ САКА ДА БИДЕ МИЛИОНЕР“ Парите одат за добротворни цели
Освен успешната актерска и режисерска кариера, добитникот на два Оскари повеќе од една деценија активно работи на проекти за подобрување на животните услови во источен Конго, а освоениот милион долари ќе биде искористен за финансирање на нови локални програми и иницијативи.
Холивудската ѕвезда Бен Афлек освои еден милион долари во американското издание на квизот „Who Wants to Be a Millionaire“, а целата сума ќе биде донирана во добротворни цели. Афлек до победата стигна во тандем со шампионот на „Jeopardy!“, Џејми Динг, по успешно одговореното последно прашање, со што стана еден од ретките славни натпреварувачи кои ја освоиле главната награда.
Парите ќе бидат донирани на фондацијата Eastern Congo Initiative, непрофитна организација што Афлек ја основа во 2010 година по неколкуте негови посети на Демократска Република Конго. Организацијата поддржува локални заедници, земјоделски задруги, образовни и здравствени проекти во источниот дел на земјата, погоден од долгогодишни вооружени конфликти.
Настапот на Афлек беше поздравен и од гледачите, бидејќи актерот неколкупати истакна дека вистинската цел не е телевизиската победа, туку обезбедување што поголема финансиска поддршка за хуманитарната организација. Во текот на играта тој често му ја препушташе иницијативата на својот партнер Џејми Динг, кого го нарече „вистинскиот генијалец во тимот“.
Во финишот на квизот, Афлек и Динг најпрво точно одговорија на прашањето вредно 500.000 долари, а потоа ги искористија и последните „џокери“ за да стигнат до милионската награда. Одлучувачкото прашање се однесуваше на традицијата на американските претседатели да помилуваат мисирки пред Денот на благодарноста. По консултација со водителот Џими Кимел и телефонски повик до пријател, двојката го избра точниот одговор и го освои џекпотот.
Со оваа победа Бен Афлек уште еднаш ја потврди својата долгогодишна посветеност на хуманитарната работа. Освен успешната актерска и режисерска кариера, добитникот на два Оскари повеќе од една деценија активно работи на проекти за подобрување на животните услови во источен Конго, а освоениот милион долари ќе биде искористен за финансирање на нови локални програми и иницијативи.
Победата на Афлек доаѓа само една година откако ист успех во истиот квиз постигна неговиот долгогодишен пријател и соработник Мет Дејмон кој во изданието емитувано во јули 2025 година, настапи заедно со легендарниот квиз-шампион Кен Џенингс и ја освои главната награда од еден милион долари. Парите беа донирани на хуманитарната организација Water.org, која обезбедува пристап до чиста вода и санитарни услови за сиромашни заедници низ светот.
За време на емисијата Афлек низ смеа призна дека токму искуството на Дејмон му помогнало подобро да се подготви за настапот и дури јавно му се заблагодари за советите.
Двајцата оскаровци, чие пријателство со децении важи за едно од најпознатите во Холивуд, во две последователни години успеаја да стигнат до милионската награда во квизот – и двата пати во корист на добротворни организации