ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ РЕГИСТАР ЗА АВТОРИЗАЦИИ Андоновски најави дека од септември ќе се развиваат уште 50 нови дигитални услуги
Потребата од овој вид регистар, како што рече министерот за дигитална трансформација произлегла од компаниите.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска најави дека се размислува да се воведе Регистар на авторизации кој ќе биде достапен на Националниот портал „uslugi.gov.mk“.
Андоновски вели дека со тоа ќе се овозможи, покрај управителите и други овластени лица од фирмите да имаат пристап на порталот во име на компанијата и да ја добијат услугата што им е потребна.
-Размислуваме да се подобри порталот за компаниите, да можат овластени лица од компаниите да настапуваат како компанијата. Тоа го нарековме Регистар на авторизации. Досега, и во моментов е така, само одговорното лице во компанијата (управителот) може да пристапи на порталот во име на компанијата и да добие некаква услуга. Но, се соочуваат, особено поголемите компании, со потребата други лица да авторизираат за да може да го користат порталот наместо нив. Работиме на тоа подобрување. И секако, почнува ИПА проектот од септември, очекувам многу нови услуги со ИПА проектот и како што ветив, 50-тина нови услуги што ние ќе ги развиваме – информира Андоновски.
Тој потсети и дека околу 60 нови услуги од десетина институции ќе бидат дигитализирани, за да се намали потребата од физичко присуство на шалтери, да се скратат административните процедури и да се олесни пристапот преку националниот портал. Се чека институциите да го завршат својот дел со оптимизирање и со скратување на процедурите, по што услугите ќе бидат достапни на „uslugi.gov.mk.“
– Минатата недела се одржа состанок со премиерот, ресорните министри и директори за поедноставување на стотина административни постапки. Ние направивме мапа во Министерството од 60 постапки, односно 60 услуги за граѓаните од десетина институции ќе бидат дигитализирани во периодот што следи. Се чека институциите да го завршат својот дел со оптимизирање и со скратување на процедурите, по што услугите ќе бидат достапни наuslugi.gov.mk, рече Андоновски.