ЏАРЕД ЛЕТО ГИ НЕГИРА ОБВИНУВАЊАТА ЗА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА „Никогаш не сум нападнал никого, тврдењата се лажни!“
Оскаровецот се огласи по документарецот на Би-би-си во кој неколку жени го обвинуваат за сексуално недолично однесување и злоупотреба додека биле малолетни.
Актерот и музичар Џаред Лето остро ги отфрли обвинувањата за сексуално злоставување што против него ги изнесоа неколку жени во документарниот филм на Би-би-си „Џаред Лето: Холивудската мрачна тајна“.
Добитникот на Оскар во изјава за „Пипл“ ги нарече обвинувањата целосно невистинити.
– Никогаш во животот не сум нападнал никого сексуално. Овие тврдења се апсолутно и категорично неточни – изјавил Лето.
Според наводите во документарецот, четири жени го обвинуваат актерот за сексуално злоставување, тврдејќи дека инцидентите се случиле додека тие биле тинејџерки. Уште четири жени тврдат дека од Лето добивале телефонски повици со експлицитна и непристојна содржина додека биле малолетни.
Жените наведуваат дека настаните се случувале во периодот од 2002 до 2016 година, кога Лето бил во четириесеттите и педесеттите години од животот.
Во документарецот се појавуваат и сведоштва од двајца мажи кои соработувале со неговиот бенд „Thirty Seconds to Mars“. Тие тврдат дека им било непријатно поради начинот на кој музичарот наводно комуницирал со тинејџерки.
Ова не е првпат Џаред Лето да се соочи со вакви обвинувања. Минатата година диџејката Али Тејлс од Лос Анџелес изјави дека актерот наводно ја нападнал кога имала 17 години, по што и други жени изнесоа слични тврдења.
Во текот на минатата година уште девет жени јавно го обвинија за непримерно однесување, но Лето и тогаш категорично ги негираше сите наводи.
Засега не е познато дали против актерот е покрената официјална постапка.