ДРОН ПОГОДИ АМЕРИКАНСКИ ТАНКЕР ВО ЕГИПЕТ Се запали и бродот до него

Египетското Министерство за нафта потврди дека во медитеранското пристаниште Дамиета избил пожар, но не наведе дека причината бил дрон.

75

Дрон удри американски танкер за превоз на гас во египетското медитеранско пристаниште Дамиета, соопшти британската организација за поморска безбедност „Амбри“, повикувајќи се на првичната проценка на инцидентот.

Компанијата за пристанишни услуги „Инчкејп“ објави дека два танкери со гас се зафатени од пожар во Дамиета.






Дронот го удрил танкерот со име „Енергос Винтер“ предизвикувајќи пожар, кој потоа се проширил на пловилото „Газлог Салем“, соопштија три добро информирани трговски извори.

Два други извори од сферата на безбедноста изјавија дека причина за експлозијата е удар со дрон.

Екипажот е евакуиран, а пожарот е ставен под контрола, соопшти „Амбри“ и додаде дека досега никој не презел одговорност за инцидентот.

Египетското Министерство за нафта потврди дека во пристаништето Дамиета избил пожар, но не наведе дека причината бил дрон.

Министерството соопшти дека се запалиле два брода кои се користат за преработка и за складирање гас.

„На ситуацијата веднаш ѝ се пристапи во согласност со плановите за вонредни ситуации и брза реакција“, се вели во соопштението, во кое не се наведува причината за пожарот.

Се додава дека се преземени сите неопходни мерки за да се проценат последиците од инцидентот.

Се појавија извештаи дека пожарот бил предизвикан од ирански дрон, тие тврдења не се официјално потврдени, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Иран во последните месеци гаѓаше американски објекти во повеќе земји во регионот, вклучувајќи ги Јордан, Сирија, Ирак и други држави.

Поврзани содржини