СЕРИОЗЕН СЛУЧАЈ НА ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА Скопјанец е на респиратор, седум лица се хоспитализирани
Сите пациенти се заразиле по убод од инфициран комарец, а кај хоспитализираните е дијагностицирано воспаление на мозокот и мозочните обвивки, информира директорот на Клиниката за инфективни болести.
Седум лица со потврдена западнонилска треска се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а здравствената состојба на еден од нив, 76-годишен скопјанец, е сериозна и тој се наоѓа на респираторна поддршка на Одделот за интензивна нега, изјави денеска за МИА директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.
Тој посочи дека пациентот, кој веќе една недела е хоспитализиран, не патувал надвор од државата.
Останатите шест пациенти, сите постари од 60 години, се во стабилна здравствена состојба, а само еден од нив претходно престојувал во Грција.
– Кај сите хоспитализирани е дијагностицирано вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Симптомите се висока температура, силна главоболка, дезориентираност и нарушена свест – изјави д-р Цана за МИА.
Според него, сите пациенти се заразиле по убод од инфициран комарец. Периодот на инкубација на вирусот најчесто трае од три до 14 дена по каснувањето, а кај поголемиот дел од заразените инфекцијата поминува без симптоми или со лесна клиничка слика.