ВЕЛЕШАНКА КАСНАТА ОД ПАЈАК ЦРНА ВДОВИЦА Итно е префрлена на Токсикологија во Скопје
Жената била касната додека работела во поле во велешкото село Еловец.. Почувствувала силни болки во раката и во грбот, вртоглавица и грчеви низ целото тело, по што била примена во Ургентниот центар во Велес.
Отровен пајак црна вдовица пред неколку дена каснал 61-годишна жена од Велес додека работела во поле во велешкото село Еловец.
По каснувањето жената почувствувала силни болки во раката и во грбот, вртоглавица и грчеви низ целото тело, по што била примена во Ургентниот центар во Велес.
Лекарите ѝ укажале итна медицинска помош, а по консултација со Клиниката за токсикологија во Скопје, таа била префрлена на понатамошно лекување.
Пајакот бил усмртен и однесен во болницата, каде што лекарите потврдиле дека станува збор за црна вдовица.
– Жена од Велес на 61-годишна возраст е донесена во Ургентниот центар во вечерните часови. Додека била во поле ја каснал пајак на левата надлактица. Пациентката се јавила со болки во раката и во грбот, вртоглавица и грчеви по целото тело. Истата е згрижена, дадена е соодветна терапија и во договор со Клиника за токсикологија во Скопје е трансферирана кај нив за понатамошен третман“, изјавија од Општата болница – Велес.
Од Велешката болница велат дека не паметат ваков случај во последните 4 децении.
Црната вдовица живее во карпестите предели на Велешко, а нејзиниот отров е силен невротоксин кој може да предизвика силна болка, мускулни грчеви, потење и мачнина.