ТАБЛЕТАРНАТА ТЕРАПИЈА ЗА ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТИ ЌЕ СЕ ДАВА ВО АПТЕКИТЕ Покрај лековите за рак на дојка, ќе се префрлат и тие за рак на простата
Минатата година беа префрлени два лека за рак на дојка од болницата во аптеките и неколку илјади пациентки веќе нема потреба да одат на Клиниката за онкологија.
Има план во врска со онкологијата според кој сè што е во таблетарна форма да не се дава исклучиво во болницата во Скопје, туку да се префрли во аптеките. Минатата година беа префрлени два лека за рак на дојка од болницата во аптеките и неколку илјади пациентки веќе нема потреба да одат на Клиниката за онкологија. Сега се анализира и за терапиите за простата да може да се направи префрлање од болница во аптека, најави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој посочи дека се анализирани капацитетите на активните онколошки центри – Клиничката болница во Тетово, ГОБ „8 Септември“ и Клиничката болница во Битола.
– Најмал капацитет во моментот има Клиничката болница во Штип, каде има само еден онколог. Во Тетово е во постапка набавка на машина за дисперзија на лекови, по што треба да почне зголемен третман. Таму во моментот постои основен третман, а околу 150 пациенти се третираат во Клиничката болница во Тетово. Во ГОБ „8 Септември“ се завршени подготовките еден од спратовите да биде дневна болница за терапија со онколошки лекови. Меѓутоа, целата онкологија бара едно повторно осмислување, бидејќи претходните активности, зборувам за историските активности во делот на радиотерапијата, не профункционираа. Ние имаме исклучително мал број акцелератори. Потребен е приближно еден акцелератор на 200 до 300.000 жители, а ние имаме само три активни акцелератори. Така што и тоа е предмет на анализа и разговор со онколошките власти – рече Клековски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција по повод актуелната епидемиолошка состојба.
Министерот нагласи дека имаат одлична соработка со ГОБ „8 Септември“ и со Клиничката болница во Тетово и дека би можело да има поголем напредок во Битола, бидејќи таму имаат најдобри услови.
– Таму има нова зграда, има двајца онколози и има договор со Клиниката во Скопје за повремено доаѓање на специјалисти за деловите што не се покриени во таа болница. Мислам дека работите ќе напредуваат, меѓутоа потребно е поголемо осмислување на целиот концепт, бидејќи без позначајна децентрализација, гужвите таму нема да се намалат. Земајќи предвид дека преваленцата се зголемува, ние во моментот имаме околу седум пациентки со рак на дојка. Секоја година се додаваат нови случаи, бидејќи третманот е подобрен и преживувањето е подобрено – рече Клековски.
Тој вели дека ги извлекле податоците од системите за да ги видат вкупните бројки и заедно со консултанти да проценат како најдобро да го реорганизираат процесот. Според него, тоа не е лесен процес, бидејќи децентрализацијата не се спроведува едноставно.
– Ние сме упорни во тоа. Клиниката за хематологија покажа прва како може да се направи тоа, бидејќи прва започна со децентрализација на лековите за третман на мултиплекс склероза. Голем дел од тие пациенти се тешко подвижни, а до минатата година за терапијата со интерферони мораа да доаѓаат во Скопје. Така што тој процес таму оди малку побрзо – додаде Клековски.