БАКАРОТ ОД ИЛОВИЦА НЕ Е ВКЛУЧЕН ВО ТРКАТА Побарувачката за металот драстично расте, прогнозиран голем светски дефицит
Светскиот инвеститор Џустра вели дека според прогноза на финансиската куќа „JPMorgan“ следува дефицит на бакар во количина од два милиони тона до 2030 година, кој ќе се зголеми на недостиг од осум милиони тони до 2035 година.
Ниту шест огромни рудници за бакар да се отвораат секоја година во наредните две децении најверојатно нема да се задоволи побарувачката на пазарот за овој метал. Ваква е проценката на рударскиот инвеститор Френк Џустра, имајќи го предвид фактот дека четири големи наоѓалишта во Јужна Америка засега не се во посед на големите компании кои котираат на сериозни светски берзи, што може да предизвика криза во синџирот на снабдување.
Од друга страна, Стратегијата за минерални суровини 2026-2046 на која работеше МАНУ, потврдува дека Македонија има капацитети на бакар. Сепак, тие не се искористуваат. Таков е примерот со инвестицијата за рудник за бакар во Иловица-Штука. Инвеститорот „Еуромакс ресоурцес“, кој котира на берзата во Торонто, уште одамна објави дека, според геолошките истражувања, утврдени се 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои проценети се околу 410.000 тони бакар. Од овие количини, истражувањата потврдуваат искористувања од 84 отсто за бакарот. Рудникот се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони руда годишно, а просечното годишно производство е проектирано на над 10.000 тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, проектот се предвидува да биде активен околу 23 години. Покрај во Иловица, присуство на бакар беше утврдено и во други наоѓалишта, како во Казандол и Кожуф, но таму инвестициите не се остварија.
Инаку, светскиот инвеститор Џустра додава дека според прогноза на финансиската куќа „JPMorgan“ следува дефицит на бакар во количина од два милиони тона до 2030 година, кој ќе се зголеми на недостиг од осум милиони тони до 2035 година. Во интервју, тој истакна дека само центрите за податоци се очекува да потрошат околу 500.000 тони бакар до крајот на деценијата. На големите наоѓалишта на бакар обично им се потребно десет, а понекогаш и дваесет години, за да започнат производство.
„Бакарот е столбот на речиси секоја електрификациска индустрија во светот“, нагласува Џустра.
Тој тврди дека конкуренцијата за ископ на стратешки минерали еволуирала од проста трговија во геополитичко ривалство.
„Светскиот поредок каков што го знаевме е мртов“, додаде инвеститорот.
Џустра потенцира дека Кина започнала да обезбедува минерални наоѓалишта во странство пред околу 25 години, додека САД и Европа ја препознале стратешката важност на критичните минерали дури во последниве години. Задоволувањето на идната побарувачка ќе зависи од откритијата што не можат да се развијат доволно брзо, што одговара на прашањето зошто повисоките цени на бакарот може да бидат единствениот преостанат механизам за балансирање на пазарот.
Финансиската групација „Macquarie“ во последните прогнози заклучува дека бакарот е „заглавен“ помеѓу оптимизмот за нови инвестиции и слабеењето на капацитетите. Според анализата, јазот денес е многу голем. Оттаму наведуваат дека бакарот се продавал за 12.000 долари за тон кон крајот на март и се искачил на над 14.000 долари кон крајот на мај годинава. Според „Macquarie“, трговците се позиционираат поради можните мерки за извоз на бакар во САД, а најверојатниот исход, како што додава финансиската институција, е континуирана неизвесност без јасно решение, со што металот ќе остане во САД и ќе го остави остатокот од пазарот под притисок.