МАВРОВСКО ЕЗЕРО ПОРИБЕНО СО 460 КГ КРАП Се крми езерото пред Светското првенство во септември
Рибниот фонд во Мавровско Езеро во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, порибено е со нова количина риби. Од јавната установа Национален парк Маврово, информираат дека вчера во соработка со EDS Energy Delivery Solutions, е реализирано порибување на најголемата водна површина во паркот со 460 килограми крап.
– Оваа активност претставува значаен придонес кон зачувувањето и унапредувањето на рибниот фонд, како и кон одржливото управување со природните ресурси во паркот – наведуваат од НП „Маврово“.
Од управата на НП „Маврово“ ги потсетуваат сите спортски риболовци дека крапот е под времена забрана за спортски риболов до завршувањето на Светското првенство.
– Апелираме до сите посетители да ги почитуваат донесените мерки, додека Службата за заштита на природата која работи во склоп на паркот спроведува засилени контроли на терен – наведуваат оттаму.
Од Национален парк „Маврово“ искажаа благодарност до EDS Energy Delivery Solutions за општествено одговорниот пристап и поддршката во зачувувањето на природното богатство на Мавровското Езеро.
Во две акции, пролетва, езерото беше порибено со над 4 тони крап.
Светското првенство во лов на крап на Мавровско Езеро е еден од најголемите спортско-риболовни настани што некогаш ќе се одржат во Македонија. Според најавите првенството треба да се одржи од 2 до 5 септември.