КАРВАНОТ НА ЗНАМ ЌЕ СЕ ДВИЖИ НИЗ МАКЕДОНИЈА, Тргна од Скопје под слоган „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“
Движењето не е формирано за да биде нечие привремено политичко засолниште, ниту за да тргува со позиции и функции, туку за да понуди нов политички модел и да ја врати довербата во институциите – порача претседателот на Движењето Максим Димитриевски.
Со силна порака за одговорна политика, институции што работат за граѓаните и европска иднина изградена врз македонските национални интереси, денеска во Скопје се одржа првата панел-дискусија од караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, што Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе го реализира во повеќе градови низ државата.
Пред бројни членови, поддржувачи и симпатизери, беше отворен циклусот на јавни дебати чија цел е непосреден разговор со граѓаните за предизвиците, реформите и визијата за современа, функционална и европска Македонија.
Обраќање на панелот имаше претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, кој истакна дека ЗНАМ денес е сериозен политички фактор затоа што остана доследен на вредностите врз кои е создаден, чесност, одговорност и работа во интерес на граѓаните.
Тој порача дека Движењето не е формирано за да биде нечие привремено политичко засолниште, ниту за да тргува со позиции и функции, туку за да понуди нов политички модел и да ја врати довербата во институциите.
– ЗНАМ ќе постои се додека ве има вас, луѓето кои искрено веруваат во оваа идеја. Ќе постои се додека ги чуваме принципите поради кои се создадовме и додека политиката ја водиме со достоинство, чесност и одговорност. Гледавме како партии што со години ветуваа европски вредности се претворија во затворени политички и трговски друштва, каде личниот интерес стана поважен од државниот. ЗНАМ нема да оди по тој пат. ЗНАМ има своја шанса, свој правец и своја обврска, кон Македонија и кон нејзините граѓани.“ истакна Димитриевски.
Во рамки на панел-дискусијата свое обраќање имаа и министерот за јавна администрација и генерален секретар на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев, како и министерот за правда и претседавач на Централниот одбор на Движењето ЗНАМ, Игор Филков. Тие говореа за реформите што се реализираат во јавната администрација и правосудството, процесите на модернизација на институциите и чекорите што ја приближуваат државата до европските стандарди.
Во своето завршно обраќање, претседателот Димитриевски порача дека вистинскиот процес за ЗНАМ допрва започнува и дека движењето ќе продолжи да расте заедно со граѓаните, преку непосреден дијалог и конкретна работа на терен.
„Не се бориме за фотелји, не се бориме за функции и привилегии. Се бориме да изградиме држава во која младите ќе остануваат, институциите ќе работат, а чесниот човек ќе биде вреднуван. Нашиот процес допрва почнува. Ќе бидеме меѓу граѓаните во секој град, ќе слушаме, ќе разговараме и заедно ќе ги носиме одлуките. Тоа е суштината на ЗНАМ и затоа сум убеден дека најдоброто за нашето движење, но и за Македонија, допрва доаѓа“ порача претседателот на ЗНАМ.
Панел-дискусијата во Скопје претставува почеток на серија средби што во наредниот период ќе се одржат во осум градови низ државата, како дел од караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, со кој Движењето ЗНАМ ја продолжува својата определба за непосредна комуникација со граѓаните и заедничко креирање политики што носат развој, стабилност и сигурна европска иднина за Македонија.