РОМАНИЈА НА ПАТ ДА СЕ ОБЕДИНИ СО МОЛДАВИЈА Предлогот молчешкум помина во долниот дом на парламентот
Според предлогот поднесен од партијата С.О.С. Романија, романскиот Парламент би прогласил обединување на Романија со Молдавија и би ја задолжил владата да почне преговори со Кишињев за мирно и дипломатско реализирање на тој процес. Авторите се повикуваат на Завршниот акт од Хелсинки, кој дозволува промени на границите по мирен пат и со согласност на засегнатите страни.
Законот за обединување на Романија со Молдавија, кој беше поднесен на 14 април во романскиот парламент од страна на партијата С.О.С. Романија се смета за усвоен од страна на Домот на пратениците, поради истекот на рокот за разгледување на законот, објави романската агенција Агерпрес.
Сепак, предлогот мора да го разгледа и Гормиот дом, односно Сенатот, кој ќе ја донесе конечната одлука.
За време на вчерашната седница на Домот на пратениците, претседателката на седницата, Наталија Интотеро, го спомена предметниот закон, наведувајќи дека предлогот за обединување на Романија и Молдавија, бидејќи истече рокот за дискусија и за конечно гласање, се смета за усвоен.
Романската влада, како и правната и комисијата за човекови права на Парламентот, дале негативно мислење за предлогот. Но, бидејќи во законскиот рок од 45 дена немало расправа и гласање, предлогот се смета за „премолчно усвоен“ во првиот дом и автоматски се испраќа во Сенатот, според процедурата што е предвидена во романскиот Устав.
Според законот, „романскиот парламент ја потврдува својата приврзаност кон одредбите од Завршниот акт на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа во Хелсинки, кој овозможува можност за промена на границите преку мирни и дипломатски средства“.
„Романскиот парламент одлучува за обединување на Романија и Република Молдавија. Романскиот парламент ја овластува владата веднаш да почне преговори со властите во Кишињев за финализирање на обединувањето со Република Молдавија“, се наведува во предлогот.
Се наведува и дека оваа одлука мора да ја усвои и молдавскиот парламент.
„По усвојувањето на овој закон и неговото објавување во Државниот весник, надлежните меѓународни тела, владата на Република Молдавија, САД, НАТО, ОН и ЕУ ќе бидат известени за спроведување на одредбите“, се наведува во предлогот С.О.С. Романија.
Во образложението на предлогот се објаснува дека „ова отвора пат за преговори за враќање на териториите насилно одземени од болшевиците со помош на големите сили“. Покрај тоа, според предлагачот, главните политички сили во Романија и мнозинството во Република Молдавија во моментов сакаат такво обединување.
Во раните 90-ти, владата на Молдавија предводена од тогашниот премиер Мирчеа Сњегур, се обиде да спроведе референдум за соединување со Романија, но тоа не успеа.
Идејата за обединување на Романија и Молдавија не е нова. Таа се темели на фактот што мнозинството граѓани во двете држави зборуваат романски јазик, делат заедничка историја и култура, а денешна Молдавија до 1940 година била дел од Романија. По распадот на Советскиот Сојуз и независноста на Молдавија во 1991 година, повторно се појавија движења кои се залагаат за обединување на двете земји.
Во последните години поддршката за обединување расте, особено по руската инвазија врз Украина и засилената европска ориентација на Молдавија. Истражувањата покажуваат дека во Романија големо мнозинство би гласало за обединување на референдум, додека во Молдавија поддршката е значително пониска, но е многу повисока отколку пред десетина години.
Сепак, прашањето останува сложено поради постоењето на Придњестровје, регион во западна Молдавија под силно руско влијание, како и поради различните ставови во самото молдавско општество. Затоа, иако идејата за обединување е присутна во јавноста и политиката, во моментов членството на Молдавија во Европската Унија се смета за пореална и поблиска цел, отколку непосредно државно обединување со Романија.