ИЗБОРИТЕ ПОКАЖАА ДЕКА РУСИТЕ ГИ ПОДДРЖУВААТ ВОЕНИТЕ АКТИВНОСТИ Толкување на Путин на изборниот резултат
Таков голем, дури и рекорден број луѓе кои излегоа на гласање покажува дека народот на Русија ги поддржува напорите насочени кон зајакнување на земјата – рече Путин, коментирајќи ја излезноста од 59,3 отсто.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека големиот одзив на гласачите на парламентарните избори одржани минатиот викенд покажува дека Русите ги поддржуваат своите вооружени сили кои се борат во Украина, како и напорите на властите да ја заштитат националната безбедност.
Изборите, одржани од 18 до 20 септември, Путин ги претстави како тест за поддршката на јавноста за војната во Украина, која трае четири и пол години, како и за неговата одлучност да ја продолжи борбата сè додека не се остварат клучните воени цели.
Резултатите, кои во понеделникот беа речиси целосни, покажаа дека владејачката партија Единствена Русија задржа убедливо мнозинство во националниот парламент, во рамките на строго контролираниот политички систем кој ги исклучи повеќето кандидати кои се противат на војната.
Централната изборна комисија на Русија соопшти дека излезноста изнесувала 59,3 отсто, што, според наводите на државната новинска агенција Тасс, е повеќе отколку на повеќето претходни избори за Државната дума, долниот дом на парламентот.
Коментирајќи ги резултатите јавно за првпат, Путин рече дека таков „голем, дури и рекорден број луѓе кои излегоа на гласање покажува дека народот на Русија ги поддржува напорите насочени кон зајакнување на земјата“.
Путин за време на дел од телевизиското обраќање денеска директно им се обрати на војниците на првата линија на фронтот.
– Ова гласање е за вас. Луѓето веруваат во вас, веруваат во нашата победа, веруваат во вашата храброст, во вашето херојство – рече Путин.
Партијата Единствена Русија, која го поддржува Путин, ќе контролира 355 места во руската Думам, што претставува рекорден број, од вкупно 450 места, откако освои повеќе од 57 отсто од гласовите.