САД САКААТ ДА ГО ПРЕЗЕМАТ „СЕВЕРЕН ТЕК“? Лавров тврди дека Вашингтон сака да заработува од рускиот гас
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека САД разгледуваат можност да го купат и обноват европскиот дел од „Северен тек“, по што преку него повторно би се транспортирал руски гас.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Соединетите Американски Држави наводно планираат да го купат европскиот дел од гасоводот „Северен тек“, со цел преку него повторно да се транспортира руски гас кон Европа.
– Американците во моментов преговараат, или барем ни кажаа дека тоа е нивниот план – да го купат европскиот дел од „Северен тек“, да го обноват и да ја преземат контролата. Но, ништо освен нашиот гас не може да се пумпа низ гасоводот – изјави Лавров на 12. Меѓународен научен и експертски форум „Примаковови читања“, пренесуваат руските медиуми.
Според него, доколку таквиот план се реализира, Русија би продолжила да испорачува гас, а американската страна би го препродавала на европскиот пазар.
– Русија ќе го пумпа гасот, а тие, како што претпоставувам, ќе го препродаваат со голема маржа – рече Лавров.
Гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, кои ги поврзуваат Русија и Германија преку Балтичкото Море, беа оштетени во серија експлозии на 26 септември 2022 година. Инцидентот предизвика меѓународни истраги, а прашањето за одговорноста и натаму останува предмет на политички и дипломатски спорови.