СЕКОЈ ПЕТТИ ЕВРОПЕЕЦ ЖИВЕЕ САМ Највисок удел во Скандинавија и Балтикот, Германија над просекот

65

Во Европската Унија минатата година 16,5 проценти од населението живеело во едночлени домаќинства, а најголем удел на лица кои живеат сами е регистриран во скандинавските и балтичките земји, покажуваат податоците на европската статистичка агенција Евростат.

Над европскиот просек е и Германија, каде што секој петти жител, односно 20,9 проценти од околу 84 милиони жители, живеел сам, соопшти германскиот Сојузен завод за статистика Дестатис.






Тоа значи дека околу 17,3 милиони лица во Германија живееле во едночлени домаќинства. Во споредба со 2005 година, кога такви биле 14,2 милиони луѓе, бројот значително се зголемил.

Најголем дел од лицата кои живеат сами се постари граѓани. Кај лицата над 65 години, 34,4 проценти живеат сами, додека кај оние над 85 години тоа е секој втор жител или 55,8 проценти.

Податоците покажуваат дека бројот на самци расте пропорционално со големината на населеното место. Во градовите со над 100.000 жители, нивниот удел изнесува 25,9 проценти, додека во помалите општини со помалку од 20.000 жители е 17,2 проценти.

Во рамки на Европската Унија просекот изнесува 16,5 проценти, но разликите меѓу земјите се значителни.

Поголем удел од Германија има Литванија со 31,4 проценти, Финска со 25,8 проценти, Данска со 24,3 проценти, како и Естонија и Шведска, каде што уделот изнесува по 22 проценти.

На спротивната страна од листата се Словачка со 3 проценти, Ирска со 8,1 процент и Полска со 9,2 проценти.

Иако лицата кои живеат сами сочинуваат околу една петтина од германското население, нивниот удел во вкупниот број домаќинства е значително повисок. Од вкупно 41,1 милион домаќинства во Германија, дури 42,1 процент минатата година биле едночлени.

Поврзани содржини