ПЕНЗИИТЕ ОД ВТОРИОТ СТОЛБ ТРЕБА ДА СЕ ГЛЕДААТ ВО КОМБИНАЦИЈА СО ПРИМАЊАТА ОД ПРВИОТ СТОЛБ На пензискиот систем му треба реформа, ама каква?
Од МАПАС велат дека континуирано се врши надзор над работењето на пензиските друштва, управувањето со ризиците, инвестициските стратегии и политики и заштитата на интересите на членовите. Истовремено, редовно се следат приносите на пензиските фондови, структурата на инвестициите и нивната усогласеност со законските ограничувања.
Треба ли да бидат загрижени за висината на пензиите работниците кои се опфатени со вториот пензиски столб, откако премиерот Христијан Мицкоски изјави дека голем дел од корисниците од вториот пензиски столб нема да бидат задоволни од она што ќе го видат на своите сметки и дека се сомнева во очекуваните резултати од реформата на пензискиот систем со која е воведен вториот пензиски столб?
Од Владата велат дека во однос на висината на идните пензии, сите анализи и проценки што се изработуваат имаат за цел да обезбедат долгорочна заштита на интересите на осигурениците и пензионерите, а работни групи континуирано ги следат сите домашни и меѓународни трендови и практики поврзани со одржливоста и развојот на пензиските системи.
Од Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) смируваат дека приносите во вториот столб растат, а износот на идните пензии зависи од она што поединците ќе го уплатат во пензискиот систем, годините стаж и низа други критериуми кои влијаат на пресметката на пензијата.
Засега нема најава за пензиска реформа, но има најава за законски измени
– Лично мислам дека голем дел од корисниците на вториот столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки. Мислам дека очекувањата кај корисниците се многу поголеми. Убеден сум дека тогаш кога е правена оваа реформа имале добри намери, но, за жал, мислам дека сега нема да ги даде очекуваните резултати кога оваа реформа е правена. Жалам што од денешна перспектива воопшто е влезено во правење на оваа реформа, имајќи предвид дека голем дел од европските земји и членки на Европската Унија имаат само еден столб… Не знам дали очекуваните резултати ќе се добијат. Да бидам попрецизен, сигурен сум дека намерата била добра, но од денешната перспектива загрижен сум дека голем дел од корисниците нема да бидат задоволни – изјави Мицкоски во поткастот „Каде се парите?“.
Мицкоски додаде и дека Владата размислува за пензиски реформи, но засега нема ништо искатализирано што ќе се прави.
Сепак, како што рече, земјава би требало да се врати на едностолбен пензиски систем со оглед на економијата што ја има. Притоа посочи дека земјите со слични економии како нашата – Словенија, Унгарија и Полска имаат едностолбен пензиски систем.
Од Владата, додаваат дека континуирано се следат сите домашни и меѓународни трендови и практики поврзани со одржливоста и развојот на пензиските системи.
– Во рамките на надлежните институции и Министерството се формирани работни тела и експертски комисии, Комисии за реформи во пензискиот систем, кои редовно ги анализираат состојбите, демографските движења и финансиските показатели, со цел навремено да се предложат мерки што ќе обезбедат стабилен и праведен пензиски систем – велат од Владата.
Оттаму додаваат дека во однос на висината на идните пензии, сите анализи и проценки што се изработуваат имаат за цел да обезбедат долгорочна заштита на интересите на осигурениците и на пензионерите.
– Токму затоа институциите внимателно ги следат ефектите од постојните решенија и ги разгледуваат сите можни сценарија, за да се избегнат ситуации во кои граѓаните би биле оштетени или би добивале пониски пензиски примања од очекуваните – велат од Владата.
Но, додека се размислува за тоа каква пензиска реформа ѝ е потребна на земјава, владата во својата програма за годинава веќе има испланирано измени на двата закона кои се однесуваат на вториот пензиски столб – законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување чии предлози треба да бидат готови до крајот на годинава.
Според она што е наведено во Програмата на Владата главно ќе се интервенира во деловите на овие закони кои се однесуваат на инвестирање средствата од придонес во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор пензиски столб) со предвидување различни инвестициски портфолија за да се зголемат приносите од инвестиции од кои зависи висината на идните пензии.
Со ова се очекува да се обезбедат различни видови инвестициски портфолија согласно возраста на членовите во задолжително капитално финансираното пензиско осигурување (втор пензиски столб).
Реформи на системот се прават постојано, тврдат од МАПАС
Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување велат дека има потреба од реформи во пензиското осигурување, но ако под зборот реформа во пензиското осигурување се подразбираат промени во начинот на пресметување, финансирање или исплата на пензии со цел да се подобри неговото функционирање.
Оттаму додаваат дека институциите во пензискиот систем во континуитет имаат формирано работни групи кои даваат предлози за подобрување на системот и сите се под мониторинг на меѓународни консултанти на Светска Банка.
– Моментално функционираат работни групи за единствен регистар на осигуреници, за подобрувања во пензискиот систем, за воведување систем со повеќе портфолија или мулти-фондови и за исплата на пензии –додаваат од МАПАС.
Реформата во пензиското осигурување е постојана, велат од МАПАС, бидејќи во светот нема држави кои имаат идентични пензиски системи туку секоја земја поединечно се прилагодува на својата демографска структура, општествено-социјална структура, економско-финансиска структура, нивото на развој, висина на бруто производ, финансискиот пазар, човечкиот капитал, нивото на платите и развојот на институциите во системот.
– Комбинациите на овие индикатори работните групи ги анализираат со цел да значајно да се подобрат уплатите на приносите во пензискиот систем, приносот на индивидуалните сметки и видовите на производи за исплата на пензија. Очекувањата се дека ваквите унапредувања дополнително ќе придонесат за подобрување на долгорочните резултати на капитално финансираното пензиско осигурување и за поголема адекватност на идните пензиски примања – велат од МАПАС.
Според податоците и анализите со кои располага МАПАС, средствата во задолжителните пензиски фондови континуирано растат, а приносите остварени во изминатиот период во споредба со голем број на земји од ЕУ и светот со повеќестолбен пензиски систем како нашиот се во рамките на долгорочните очекувања за ваков вид штедење.
Како ќе се пресметуваат идните пензии?
Во однос на идните пензии од МАПАС велат дека е важно да се има предвид дека висината на средствата на индивидуалната сметка зависи од повеќе фактори. Пред сѐ од висината и континуитетот на уплатените придонеси, должината на членството во фондот, како и од остварениот принос од инвестирањето на средствата.
– Оттука, очекувањата на поединечните осигуреници треба да се разгледуваат во контекст на нивната вкупна работна кариера и висината на приходите врз основа на кои се уплаќале придонесите. Доколку придонесите се уплаќале на пониска основица или имало прекин во работниот стаж или лицето покасно почнало да работи или лицето работи за странство, природно е акумулираните средства да бидат пониски, што не е последица на самиот модел на втор столб, туку на нивото на придонесите што биле уплатувани и инвестирани во текот на работниот век – велат од МАПАС.
Од МАПАС велат дека континуирано се врши надзор над работењето на пензиските друштва, управувањето со ризиците, инвестициските стратегии и политики и заштитата на интересите на членовите. Истовремено, редовно се следат приносите на пензиските фондови, структурата на инвестициите и нивната усогласеност со законските ограничувања.
Законски придонесите за пензиско осигурување од 18,8% што ги уплаќа еден осигуреник од својата месечна бруто плата се одвојуваат во износ од 12,8% за Фондот на ПИОСМ и 6% од бруто-плата се уплатува на индивидуалната сметка на членот во приватниот пензискиот фонд.
– Тоа значи дека од уплатата на придонесот на индивидуалната сметка на секој член поединечно и од висината на приносот кој го остварил пензискиот фонд што го избрал членот зависи и висината на очекуваните резултати во моментот на исполнување на условите за пензија. Во таа насока потребно е да се нагласи дека пензискиот систем треба да се оценува како целина. Осигурениците кои се членови на вториот столб остваруваат право на пензија од комбинираниот систем, односно од првиот и вториот столб заедно. Поради тоа, оценката за адекватноста на пензиските примања не може да се темели само на средствата акумулирани во вториот столб, туку на вкупниот пензиски приход што ќе го добива осигуреникот – објаснуваат од МАПАС.
Оттаму појаснуваат дека висината на пензијата на еден работник кој е опфатен со вториот пензиски столб е збир на пензија од првиот и вториот пензиски столб, а доколку има уплати и во третиот столб, може да има пензија и од доброволното пензиско осигурување.
– Под претпоставка дека одреден член од вториот столб ќе исполни услови за старосна пензија, во тој момент Решение за старосна пензија издава Фондот на ПИОМ кој прави пресметка и валоризација за неговите плати во изминатиот период до пензионирање и врз основа на заменските стапки дава пресметка за пензија од прв столб, додека вредноста на пензијата од вториот и третиот столб е врз основа на висината и редовноста на уплатата на придонесите во приватните пензиски фондови и приносот што го остварува пензискиот фонд што го избрал членот на капитално финансирано пензиско осигурување. Значи висината на пензијата за членовите од вториот столб е збир на пензија од првиот и вториот пензиски столб, а доколку има уплати и во третиот столб, може да има пензија и од доброволното пензиско осигурување – објаснуваат од МАПАС.
Што ја определува идната пензија?
Меѓу најзначајните фактори од кои зависи висината на пензијата се: висината на платата и придонесите што се уплатувале во текот на работниот век; должината на периодот на членство во вториот столб; прудентниот начин на инвестирање на средствата; остварениот принос на средствата; возраста при пензионирање; избраниот начин на исплата на средствата согласно закон.
– Поради овие причини, разликите меѓу идните корисници може да бидат значителни и не постои универзална најниска или највисока пензија што може однапред да се утврди. За секој осигуреник висината на средствата и пензиските примања во капитално финансирано пензиско осигурување се пресметуваат индивидуално врз основа на неговите лични податоци, и акумулираните средства на придонеси и принос на индивидуалната сметка на членот – појаснуваат од МАПАС.
Растат парите кои се акумулираат во вториот и во третиот столб
Според податоците од последниот извештај на МАПАС кој се однесува на 2024 година, вкупните средства на задолжителните пензиски фондови забележаа раст од 20,45% и достигнаа 162,85 милијарди денари додека пак вкупните средства на доброволните пензиски фондови забележаа поголем раст во однос на вкупните средства на задолжителните пензиски фондови, односно пораснаа за 21,74% и достигнаа 4,36 милијарди денари. Со тоа, и учеството на вкупните средства на пензиските фондови во вториот и третиот столб во бруто-домашниот производ порасна и надмина 17,62% за 2024 година (17,16% – задолжителни пензиски фондови и 0,46% – доброволни пензиски фондови).
Во 2024 година се зголемил и опфатот на населението во вториот столб со намален раст во однос на претходната година (3% во однос на 2023 година) и достигна учество од 77% во вкупното активно население.
Оценка е дека иако има раст од 7% учеството на населението во третиот столб е сè уште многу мало, односно околу 4% од вкупното активно население се членови со доброволна индивидуална сметка или се учесници во пензиска шема со професионална сметка во доброволен пензиски фонд.
Инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови во 2024 година се состоело од домашни инвестиции коишто вклучуваат државни хартии од вредност (64,93%), депозити (1,68%), акции (2,02%) и удели во инвестициски фондови (0,43%) како и инвестиции во странство коишто вклучуваат инвестиции во странски државни обврзници (0,90%), корпоративни обврзници (0,15%), удели на инвестициски фондови (25,70%) и акции (3,29%).
Во структурата на инвестициското портфолио на доброволните пензиски фондови се забележува мало зголемување на учеството на инвестициите во странство најмногу заради зголемувањето на учеството во странски државни обврзници.
Земјава има тристолбен пензиски систем: прв столб, односно Фондот на ПИОСМ кој функционира на принцип на дефинирани пензии и вториот и третиот столб кој функционира на принцип на капитално финансирано пензиско осигурување зависи од повеќе фактори.
Вториот пензиски столб е замислен како долгорочен систем на задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, чија основна цел е преку индивидуално акумулирање на средства да обезбеди дополнителен извор на приходи во пензија, заедно со пензијата од првиот столб.
Пензискиот систем во земјава со години е финансиски зависен од државните пари, а пензиската реформа направена пред деценија не ја подобри состојбата посебно во првиот пензиски столб кој е солидарен каде што еден работник треба да издржува 1,8 пензионери.
Последните години и најразвиените економии во светот размислуваат за пензиски реформи кои би го подобриле статусот на идните пензионери и би ја подобриле финансиската состојба на пензиските системи. Дел од државите во тие рамки воведуваат и зголемување на годините за одење во пензија.