САД ВОВЕДЕ НОВИ САНКЦИИ ЗА КУБА Кој работи со кубанските компании, ќе биде исклучен од американскиот финансиски систем

Помеѓу санкционираните се и компанијата за извоз и увоз, комерцијалната банка за странските инвеститори, државната рударска компанија и најголемиот кубански производител на челик.

75

САД вчера воведоа нови санкции за кубанските државни компании, кои според аналитичарите најверојатно ќе ги заплашат странските инвеститори и ќе ја продлабочат економската криза.

Според новите американски санкции, секој што обезбедува услуги за санкционираните кубански субјекти може да биде казнет и исклучен од американскиот финансиски систем.






Санкции се воведени за 5 кубански ентитети од кои 3 се поврзани со „Grupo de administrasion Empreserial S.A.“ (ГАЕСА) деловен конгломерат со кој управуваат Кубанските револуционерни вооружени сили. Конгломератот контролира речиси 40 отсто од бруто домашниот производ на Куба.

Помеѓу санкционираните се и компанијата за извоз и увоз, комерцијалната банка за странските инвеститори, државната рударска компанија и најголемиот кубански производител на челик.

„Ситуацијата во Куба се влошува бидејќи корумпираниот, брутален и антиамерикански комунистички режим на островот продолжува да дава приоритет на сопствената целосна контрола врз слободата, можностите и врз основната благосостојба на кубанскиот народ“, објави државниот секретар на САД, Марко Рубио на платформата Икс.

Рубио, кој е син на кубански имигранти, ги обвини „режимските елити“ дека го користат ГАЕСА за „крадење на оскудните ресурси на островот, пренасочувајќи ги за репресија, антиамериканска субверзија и за шпионажа наместо за училишта, електрани и основни потреби на кубанскиот народ“.

Шефот на кубанската дипломатија Бруно Родригез ги отфрли санкциите, нарекувајќи го Рубио „нечесен и лажго“.

– Куба се покажа посилна, поспособна и поефикасна отколку што очекуваше, наспроти суровата агресија и колективната казна наметната врз нејзиниот народ и нивните услови за живот. Она што оваа личност го промовира од најголемата светска сила е кривично дело – објави Родригез на Икс.

Поврзани содржини