ГУСТ ЧАД ГО ЗАГАДИ ВОЗДУХОТ ВО АТИНА Голем пожар проголта фабрика за пластика и хартија
Гаснењето на пожарот е исклучително тешко и бавно поради огромните количини лесно запалив материјал ускладиштен во комплексот. Како последица на екстремно високите температури, веќе дошло до делумно уривање на покривната конструкција на зградата.
Повеќе од 16 часа противпожарните служби во Грција се борат со огнена стихија која избувна во вторникот наутро во фабрика за пластика и хартија во индустриската зона Егалео (област Вотаникос), во западна Атина.
На терен се испратени 35 пожарникари со 10 возила и специјален камион со дигалка, а помош пристигнала и од локалните власти кои обезбедија цистерни со вода, како и од бројни волонтери.
Гаснењето на пожарот е исклучително тешко и бавно поради огромните количини лесно запалив материјал ускладиштен во комплексот. Како последица на екстремно високите температури, веќе дошло до делумно уривање на покривната конструкција на зградата, што дополнително ја загрозува безбедноста на пожарникарите.
За среќа, според официјалните информации од грчките власти, во инцидентот нема повредени лица.
Поради согорувањето на пластиката и хартијата, над градот се издига густ црн чад кој предизвика сериозно аерозагадување. Надлежните служби упатија итен апел до граѓаните во поширокото подрачје да останат во своите домови, да го ограничат движењето на отворено и да ги држат прозорците целосно затворени, со цел да се заштитат од токсичните честички.
Сообраќајот на улицата Орфеос, каде што се наоѓа фабриката, е целосно блокиран од улицата Агиас Анис па сè до авенијата Кифисос, за да се овозможи непречен пристап на спасувачките екипи.
Истрагата за причините кои доведоа до избувнување на овој голем пожар е веќе во тек, но засега нема официјални информации за тоа како започнала стихијата.