„ИМАШЕ МАЛКУ ЗАКАНИ, МАЛКУ КУКУЊЕ, НО НА КРАЈОТ БЕШЕ МНОГУ УСПЕШНО“ Џеј-Ди Венс вели дека САД ги постигнале клучните цели во преговорите
Американскиот потпретседател вели дека разговорите продолжуваат, и покрај заканите од иранската страна за нивно напуштање, а како најголем успех го посочува прифаќањето на инспекции од Меѓународната агенција за атомска енергија.
Потпретседателот на САД Џеј-Ди Венс изјави на прес-конференција во Швајцарија дека Вашингтон ги постигнал целите што ги поставил во мировните преговори со Иран и дека разговорите донеле значителен напредок.
– Вчера беше многу, многу добар ден. Го постигнавме токму она што го сакавме – рече Венс, пренесуваат светските медиуми.
Тој посочи дека американската страна остварила четири главни цели во разговорите со иранската делегација, а како најзначајно достигнување го издвојува прифаќањето на Техеран да дозволи инспектори на Меѓународната агенција за атомска енергија да влезат во земјата и да вршат надзор.
Според Венс, во текот на преговорите имало закани дека Иран може да се повлече од разговорите.
– Имаше закани дека ќе ги напуштат преговорите, или барем такви пораки се појавуваа на социјалните мрежи. Но разговорите продолжија длабоко по полноќ, а нивниот технички тим и натаму е тука во Бургеншток и работи заедно со нашиот технички тим – изјави американскиот потпретседател.
Тој додаде дека американската делегација јасно им ставила до знаење на иранските претставници дека острите јавни пораки и меѓусебните обвинувања не можат да останат без одговор од страна на Вашингтон.
Венс оцени дека во текот на процесот имало „малку закани“ и „малку кукање“, но нагласи дека најважно е што разговорите продолжиле и што двете страни успеале да остварат значителен напредок.