ЈА БРКАШЕ СО ПИШТОЛ НИЗ МОСТАР, ЈА УБИ ВО ТОАЛЕТ ОД РЕСТОРАН Убиецот на Алдина Јахиќ доби 45 години затвор

Според обвинението, убиецот Анис Кајалџиќ ја чекал 32-годишната Алдина Јахиќ пред фитнес-центарот каде што тренирала и ја удрил неколку пати. Таа избегала кон блискиот ресторан, молејќи ги минувачите да повикаат полиција, а Калајџиќ ја нашол во тоалетот на ресторанот и ја убил.

0

Кантоналниот суд во Мостар денеска го осуди Анис Калајџиќ на 45 години затвор за тешко убиство на 32-годишната Алдина Јахиќ од Калесија, нелегално стекнување и поседување оружје и за продолжено кривично дело загрозување на безбедноста.

Калајџиќ ја уби Алдина Јахиќ на 16 ноември 2025 година околу 18 часот во Мостар.






Според обвинението на Кантоналното обвинителство на ХНК, тој ја чекал пред фитнес-центарот каде што тренирала и ја удрил неколку пати. Таа избегала кон блискиот ресторан, молејќи ги минувачите да повикаат полиција, а Калајџиќ ја нашол во тоалетот на ресторанот и ја убил со пиштол што го држел без дозвола.

Обвинителката Весна Прањиќ во својот завршен збор побара единствена казна од 45 години затвор, наведувајќи дека во текот на постапката е докажано дека станува збор за убиство врз основа на пол. Обвинението го товари Калајџиќ за неколкумесечни закани со смрт, следење и физичко насилство врз Алдина Јахиќ, како и закани врз нејзиниот поранешен партнер.

Според две вештачења спроведени за време на судењето, Калајџиќ бил ментално оштетен во времето на злосторството, но не значително.

Одбраната, застапувана од адвокатот Ибро Булиќ, не го оспори фактот дека Калајџиќ го извршил убиството, туку правната квалификација на делото, тврдејќи дека не е докажано дека мотивот бил врз основа на пол.

Калајџиќ во својот завршен збор рече дека се кае за убиството.

На судењето сведочењата на нејзините пријателки и блиски открија потресни детали за стравот со кој живеела Алдина во месеците пред трагедијата. Обвинетиот Анис Калајџиќ бил љубоморен и опсесивен, ѝ упатувал закани и не се помирувал со нејзината одлука да ја прекине врската.

Една од најпотресните изјави ја даде нејзината блиска пријателка Мерима Халиловиќ. Таа сведочеше дека Алдина ѝ раскажувала за заканите и за физичкото насилство што ги трпела од Калајџиќ. Тој ѝ велел дека ќе биде „негова или ничија“, а во една прилика ја фатил за вилицата и ја притиснал до ѕид. Според сведочењето, Калајџиќ ѝ кажал на Алдина: „Во твоите очи се гледа дека сакаш мажите да те тепаат“.

Стравот на Алдина, според сведочењето, бил толку голем што се плашела да ја пријави ситуацијата во полиција. Таа се плашела дека интервенцијата на институциите може да предизвика уште посилна реакција од злоставувачот. Наместо тоа, се обраќала и до неговиот татко, барајќи помош.

Поврзани содржини