ВО ВРЕМЕТО НА СДСМ ГРАЃАНИТЕ ОСИРОМАШИЈА, СЕГА ТРЕНЧЕВСКА КРИТИКУВА ЗА ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од потпретседателката на СДСМ

Економските политики на Владата носат конкретни придобивки за граѓаните и создаваат основа за натамошно подобрување на животниот стандард, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

90

Поранешната министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денеска зборуваше за животниот стандард, иако токму во времето кога СДСМ беше на власт граѓаните се соочуваа со двоцифрена инфлација и со сериозно намалување на куповната моќ, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Тренчевска од СДСМ.

„По 7 години политики кои го доведоа народот на работ на егзистенција, денес на СДСМ им пречат мерките што носат повисоки приходи и подобар стандард за граѓаните. Владата, и покрај наследената празна државна каса од СДСМ и последиците од глобалната криза, спроведува политики кои даваат конкретни резултати. Просечната нето-плата од 2024 година до денес е зголемена за близу 8.000 денари, односно за 19,6%, додека инфлацијата е стабилизирана“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






Зголемени се пензиите, како и платите на здравствените работници, просветните работници и вработените во одбраната и полицијата, се додава во соопштението.

„Стапката на невработеност е намалена од 12,5% на 11,3%, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6% на 46,5%. Економските показатели го потврдуваат напредокот. Македонија бележи раст на БДП од 3% во 7 последователни квартали и се вбројува меѓу побрзорастечките економии во Европа. Овие резултати покажуваат дека економските политики на Владата носат конкретни придобивки за граѓаните и создаваат основа за натамошно подобрување на животниот стандард“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Тренчевска денеска рече дека после 2 години од Владата на ВМРО-ДПМНЕ животниот стандард на граѓаните е намален.

– Нема ништо од ветувањата за повисоки плати, за достоинствен живот на социјално ранливите категории на граѓаните – рече Тренчевска.

Социјално ранливите категории на граѓаните се заборавени од оваа Влада, додаде таа, а ветувањата кон нив, за зголемување на гарантираната минимална помош и на посебниот додаток, не се исполнети.

Поврзани содржини