ПОТВРДЕН ПРВ СЛУЧАЈ НА ЗИКА ВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА Инфекцијата донесена од патување на Малдиви
Според информациите од ИЈЗ, лицето престојувало на Малдивите во периодот од 20 до 28 мај.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) го потврди првиот регистриран случај на зика вирусна инфекција во Македонија. Станува збор за македонски државјанин кој се заразил за време на престој на Малдиви, каде најверојатно бил каснат од инфициран комарец.
Според информациите од ИЈЗ, лицето престојувало на Малдивите во периодот од 20 до 28 мај. Првите симптоми се појавиле уште за време на патувањето и вклучувале треска, болки во мускулите и зглобовите, благо покачена телесна температура, а неколку дена подоцна и осип по телото.
По враќањето во земјава биле спроведени лабораториски анализи во Одделението за вирусологија при ИЈЗ, при што е потврдено присуство на зика вирус.
Од Институтот информираат дека пациентот не бил хоспитализиран, туку е упатен на домашно лекување и во моментот е во добра здравствена состојба.
Здравствените власти посочуваат дека станува збор за увезен случај и дека во моментов нема причина за загриженост кај населението. Сепак, поради зголемените патувања кон тропски туристички дестинации како Малдивите, Тајланд, Индонезија, Бразил и земјите од Карипскиот регион, не се исклучува можноста за појава на нови случаи кај лица кои престојувале во подрачја каде што циркулира вирусот.
Од ИЈЗ апелираат до граѓаните кои патуваат во тропски земји да преземаат мерки за заштита од убоди од комарци и да ги следат препораките на здравствените власти.