БУГАРИЈА ГО БЛОКИРА 21. ПАКЕТ САНКЦИИ ПРОТИВ РУСИЈА ПОРАДИ ПАТРИЈАРХОТ КИРИЛ Радев е подготвен да го употреби ветото

Ерата на крстоносните походи е завршена - рече тој и додаде дека не го интересира лично Кирил, туку Руската православна црква, која според него им помогнала на Бугарите во борбата за ослободување од отоманската власт.

90

На својот прв состанок на Европскиот совет како премиер на Бугарија, Румен Радев зазеде конфронтациски став и веднаш сигнализираше дека Софија е подготвена да го искористи ветото против предложениот 21. пакет санкции на ЕУ против Русија, доколку на списокот остане рускиот православен патријарх Кирил, јавува бриселскиот портал „ЕУалајв“ (EUalive).

Пред новинарите во Брисел, Радев изјави дека ќе стави вето доколку патријархот Кирил не биде изземен од листата, оценувајќи дека не треба да се меша политиката со религијата и повикувајќи се на заедничкото православно наследство.






– Ерата на крстоносните походи е завршена – рече тој и додаде дека не го интересира лично Кирил, туку Руската православна црква, која според него им помогнала на Бугарите во борбата за ослободување од отоманската власт. Радев наведе и економски ризици за Бугарија, вклучувајќи го влијанието врз рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас, резервните делови за софиското метро, набавката на ѓубрива и нуклеарните операции.

Дваесет и првиот пакет, кој вклучува мерки поврзани со енергијата, операциите на „флотата во сенка“ и високопрофилни личности како патријархот Кирил, сега се соочува со натамошни одложувања додека министрите за надворешни работи не го усогласат во јули. Изјавите на Радев ја позиционираа Бугарија како последна пречка за единството на ЕУ по промените во Унгарија, а аналитичарите веќе се прашуваат дали новиот лидер ќе го пополни „празниот простор“ што го остави доскорешниот унгарски премиер Виктор Орбан.

И покрај острата реторика, Бугарија не го попречи постигнувањето поширок консензус во Советот: лидерите, вклучително и Радев, усвоија заклучоци за Украина, за одбраната и безбедноста на Европа, како и за редовното продолжување на постојните санкции против Русија. Радев исто така изрази поддршка за преговорите за пристапување на Украина во ЕУ.

На состанокот се почувствуваа и продлабочени тензии околу пристапот кон Кремљ, при што францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц жестоко се спротивставија на тајните канали кон Москва иницирани од претседателот на Советот, Антонио Кошта, нагласувајќи дека евентуалните преговори мора да ги предводат Франција, Германија и Обединетото Кралство, а не институциите на ЕУ.

Поврзани содржини