ВЕТЕРИНАРНИТЕ ДРУШТВА ВО ОЧАЈНА ФИНАНСИСКА СОСТОЈБА, БАРААТ ПОВИСОКИ НАДОМЕСТОЦИ Агенцијата за храна и ветеринарство работи на нов правилник

Ветеринарните друштва не само што го штитат здравјето на животните, туку со тоа го штитат и јавното здравје - здравјето на луѓето и безбедноста на храната, предупреди претседателот на Ветеринарната комора Жарко Михајлоски.

60

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) работи на подготовка на нова одлука за висината на надоместоците на ветеринарните друштва. Како што информира за МИА, АХВ го очекува ребалансот на буџетот за да види колку дополнителни средства ќе бидат одобрени.

Во врска со заостанатите обврски од 2025 година, наведува дека се веќе доставени до трезорот, а исплатата се врши согласно утврдената динамика од Министерството за финансии.






– Во очекување сме на ребалансот на буџетот за да видиме колку дополнителни средства ќе бидат одобрени. Со претставници од Ветеринарната комора и Владата разговаравме за корекција на цените. Дали тоа ќе биде во висина од 40 отсто или 50 отсто ќе се знае откако ќе биде донесен ребалансот. Што се однесува до нас, во финална фаза е подготовката на одлуката. Заостанатите обврски од минатата 2025 година се доставени за исплата до терзор и согласно утврдената динамика од Министерството за финансии се врши и исплатата на финансиските средства. Во АХВ нема заостанати фактури за реализирани активности, освен оние кои тековно пристигнуваат – велат од АХВ.

Ветеринарните друштва денеска се пожалија дека се во тешка финансиска состојба. На координативниот состанок што го организира Ветеринарната комора, истакнаа дека проблемите ги изнеле пред надлежните институции, од каде добиле уверување дека ќе бидат надминати.

Според ветеринарите, буџетот за здравствена заштита на животните е преполовен, од поранешните 300 милиони денари на максимум 150 – 170 милиони, „со што и се врзуваат рацете на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да ги сервисира своите долгови кон ветеринарните друштва“.

– Ветеринарната служба подолго време се наоѓа во тешка материјално-финансиска криза, особено во делот на ветеринарните друштва со јавни овластувања кои ги спроведуваат активностите согласно годишната наредба за здравствена заштита на животните. Ако буџетот за здравствена заштита на АХВ пред две-три години бил 300 и нешто милиони денари, сега е намален на 150, 160, 170 милиони денари. Со ова драстично намалување на буџетот за здравствена заштита на животните во АХВ, ветеринарните друштва дојдоа во ситуација да не можат да ги добијат финансиските средства за услугите што ги даваат кон државата. Ние ги преземавме сите можни институционални мерки и активности – одржавме бројни состаноци со АХВ, со владини претставници, со националниот координатор за ветеринарство, Министерството за земјоделство,… Имаме акламација за решавање на овој проблем, за доделување дополнителни средства, но до денес се исплатени само мал дел финансиски средства кон ветеринарните друштва со јавно овластување, изјави претседателот на Ветеринарната комора Жарко Михајлоски.

Ваквата ситуација, оцени Михајлоски, може да се одрази врз заштитата на здравјето на животните, но и на луѓето.

– Ветеринарниот сектор мора да биде во добра кондиција за да може да се справува со сите заразни болести кај домашните животни и птиците кои се ризик за државата. Ветеринарните друштва не само што го штитат здравјето на животните, туку со тоа го штитат и јавното здравје – здравјето на луѓето и безбедноста на храната, предупреди претседателот на Комората.

Во Македонија има околу 120 – 130 ветеринарни друштва со јавни овластувања. Освен редовно сервисирање на долговите, тие бараат и минимум 50 отсто покачување на цените на услугите што ги вршат иако, како што објаснија, и тоа е веќе малку ако се земат предвид економските случувања и инфлаторните движења.

Во однос на болестите, информира дека во последните години се појавуваат и оние што воопшто ги немаше на овие простори, на Балканот, па и во Европа.

– Со климатските промени, со големите миграции на луѓе, стигнаа болести што беа карактеристични за Африка, за Мала Азија,… Моментно Македонија се справува со сипаниците кај овци и кози. Има неколку жаришта, меѓутоа ветеринарните друштва повторно излегоа во пресрет и успешно се справуваат со ширењето на болеста. Да не го заборавиме присуството на вирусот на африканска свинска чума кај дивата популација свињи. Постојано има и бруцелоза, туберкулоза кај фармските животни, а тука се и сите останати заразни зоонозни кои претставуваат реална опасност за луѓето. Да не заборавиме дека околу 70 отсто од новите инфективни заразни болести кај луѓето се со зоонозен карактер. Така што, можеме да претпоставиме колкава е опасноста од немање ветеринарен сектор во добра кондиција. Овие болести, ако не се сузбијат, можат да предизвикаат и загрозување на безбедноста на храната. До денес, ветеринарниот сектор успева да се справи заедно со АХВ. Болестите ги локализираме, се сузбиваат, меѓутоа апелираме повторно, да се помогне на ветеринарниот сектор – порача Михајлоски.

Поврзани содржини