ДРЖАВАТА ПРЕКУ ЕСМ ЌЕ ГО ФИНАНСИРА ПРОЕКТОТ ЧЕБРЕН И ГАЛИШТЕ? За околу 10 години Мицкоски очекува да се појават првите посериозни контури

86

Раководството на ЕСМ и Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство се во обид да се формира меѓународен синдикат, односно заем од неколку реномирани меѓународни финансиски институции, од што зависи иднината на проектот за градба на двете хидроцентрали Чебрен и Галиште, и според досегашните информации, тие обиди се успешни, откри премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите“ со Горан Теменугов.

– Сè уште немаме потврда, сè уште немаме почеток на реализацијата на овој проект, но многу сме блиску до носење одлука државата преку ЕСМ да го финансира и да го реализира овој проект. Тоа е важно не само за државата туку и за регионот, имајќи ги предвид климатските промени. Убеден сум дека во годините, децениите коишто следат на регионот, а посебно на Македонија ни се потребни нови два резервоара за вода. Бошков Мост и Луково Поле од оправдани причини не се изградија. Единственото нешто што во моментот има потенцијал, а има прилично голема издашност и добра хидрологија реката Црна, е оваа каскада Чебрен и Галиште. И тоа со можност за реверзибилност да биде Чебрен, но тоа сè уште се анализира како техничко решение од страна на луѓето коишто се вклучени во проектот – сподели Мицкоски којшто покрај за вода за пиење, стратешкото значење на овие два потенцијални резервоара со вода е и за наводнувањето на фармерскиот регион во Македонија, а дури потоа, но не како помалку важна е можноста и туристички да се развива регионот.






– И дури потоа јас би зборувал за производство на електрична енергија. Јас овие резервоари повеќе ги гледам како своевидни батерии односно акумулации коишто можат да акумулираат и практично да го нивелираат пикот односно конзумот, производството и потрошувачката на електрична регистрација. Ова е проект којшто носи додадена вредност во македонската економија, затоа што се финансира, и нашата желба е да се финансира, со средства надвор, со грејс период еднаков на периодот на градба од 8 до 10 години и сè би можело да биде, што се вели, домашна компонента, да имаат додадена вредност – објасни Мицкоски.

Тој објасни што е разликата зошто би се одело со финансирање преку ЕСМ, а не преку домашно финансирање, од буџет, но со кредитно задолжување.

– Ако се оди преку АД ЕСМ, не влегува во дефицит. Различно е. Ова е проект со висока стапка на поврат и со висока нетирана сегашна вредност. А како второ, нашата амбиција е да бидеме крстосница на двата коридора со сета придружна инфраструктура, проектот за пругата којашто треба да се изгради на Коридорот 10 и западното крило на пругата од Коридорот 8. Тоа се средства коишто за разлика од АД ЕСМ или ЈП за државни патишта, Македонски железници инфраструктура или Транспорт, многу тешко би можело да ги финансира. И тогаш ние тие два проекта ќе мораме да ги изработиме преку Министерството за транспорт и тогаш тоа ќе влезе во буџетскиот дефицит. Така што во еден момент, во следниве 10 години ќе се појават проекти во вредност од десетина милијарди евра, дел приватна иницијатива, дел државна иницијатива – објасни премиерот Мицкоски.

Во однос на капацитетот на државата за такви проекти, од аспект на градежништво, но и за аспектот од машинскиот момент за хидроцентралите, Мицкоски посочи дека веднаш по враќањето од Самитот во Тиват, започнал средби со македонските градежници. На овие средби се разговара за капацитетот, што е она што може да се сработи дома, а што треба да се бара од надвор, за да се види можноста колку од парите би останале во македонската економија со ангажирање на сиот капацитет.

Во однос на машинскиот дел за хидроцентралите, за тоа од каде ќе се набави, Мицкоски посочи дека за тоа ќе се распише тендер којшто ќе се организира заедно со потенцијалниот синдикат на заемодаватели, за коишто посочи дека станува збор за реномирани компании, банки и големи финансиски институции.

– Доколку биде сè како што треба, ние планираме да ја почнеме постапката на принципот Јелоу ФИДИК. Очекувам првите посериозни контури да се појават во интервалот 2035/37 година – додаде Мицкоски.

Принципот Јелоу ФИДИК (FIDIC Yellow Book/Жолта книга на ФИДИК) претставува меѓународен стандардизиран тип на договор во градежништвото каде изведувачот е одговорен и за проектирањето и за изведбата на проектот.

Поврзани содржини