ВЛАДАТА ЗА 2 ГОДИНИ ВРАТИЛА СТАРИ ДОЛГОВИ ОД 4,6 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Мицкоски вели дека аналитичари блиски до СДСМ шират хистерија

228

Во овие две години вратени се 4,6 милијарди евра стари долгови, а државата сепак проектира економски развој, буџетот се полни со предвидената динамика, додека долгот е намален како процент од БДП. Се справивме со најголемата енергетска криза во поновата историја, рече премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите“.

– На дневна основа комуницирам со институциите кои се задолжени да го полнат буџетот, вклучително и со министерката за финансии, имам јасен преглед што се случува, како се случува, и во каква состојба сме и каква состојба требаше да исправаме што ја наследивме пред 2 години кога бевме избрани како влада. Апсолутно сите да бидат спокојни, буџетот се полни во динамиката која што е предвидена – рече премиерот Мицкоски и додаде дека имајќи ги предвид сите предизвици, вклучително и најголемата енергетска криза во поновата историја на човештвото, сигурен е дека владата успешно се справила.






Според него, моменталната ситуација со буџетот е многу подобра отколку во претходните години и покрај тоа што се враќа солидарниот данок на минатата влада, поради одлуката на Уставен суд.

– Заклучно со 15 јуни, реализацијата на буџетот е отприлика 43%, бидејќи на 15-ти се исплаќаат сите оние персонални даноци, сите пријави кои се однесуваат на платите и така натаму, на 25-ти се исплаќа ДДВ. Второ, не го гледате нетираниот солидарен данок, од отприлика милијарда и пол – две кој ние го нетиравме со компаниите, односно после одлуката на Уставниот суд, ние го вративме. Кога ќе го додадете нетираниот солидарен данок, ќе дојдеме со бројка над 44%. Во следното полугодие од годината, тоа се седмиот и десеттиот месец ние ќе го наплатиме тромесечниот данок на додадена вредност, додека во првото полугодие од годината само во април го наплаќаме. И конечно доаѓаме до декември, најчесто се исплаќаат сите даноци, бонуси, дивиденди и така натаму и тогаш по правило собирањето на даноци на крајот на годината е практично најголем. Така што мене апсолутно оваа состојба не ме загрижува, туку напротив е многу подобра отколку што беше годините наназад – изјави премиерот Мицкоски.

Тој вели дека хистерија креваат личности блиски до СДСМ и политичари кои ја довеле државата во тешка состојба, кои сега гледаат како оваа влада успеала да се справи со кризата и да обезбеди стабилно снабдување со нафтени деривати не само за македонските граѓани, туку и за граѓаните на соседните држави.

– Хистеријата која ја рефлектираат во јавноста одредени аналитичари блиски до СДСМ и некои политичари кои ја доведоа Македонија во оваа состојба, кои порано имаа допирна точка со економијата и финансиите, мене не ме загрижуваат, туку ме охрабруваат затоа што таа хистерија е соодветна на луѓе кои го изгубиле тлото под нозете, се во паника и гледаат дека и покрај сите кризи ние успеавме како држава без да очајуваме, без да држиме панични прес-конференции, како што тоа беше случај во соседството, да се справиме на еден мирен начин, да обезбедиме стабилно снабдување на граѓаните и бизнисот со нафта и нафтени деривати, да успееме да обезбедиме стабилно снабдување и за граѓаните на соседните држави. И конечно да дојдам до мојата поента, имајќи го предвид сето она што го презедовме на почеток – намалено ДДВ, потоа намалена акциза и да ги имаме овие наплати, тоа е голем успех – потенцираше премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини