📽️ АВИОН СЕ УРНА НА АВТОПАТ И СЕ ПРЕТВОРИ ВО ОГНЕНА ТОПКА Возачи со голи раце ги спасувале патниците

Едно лице загина откако деловен авион се урна на автопат во Тексас, патници спасувани низ прозорци.

186

Деловен авион доцна синоќа се урна на автопат во градот Ларедо, во американската сојузна држава Тексас, по што се запали. Во несреќата загина едно лице, а очевидци се обидувале да ги спасат патниците кршејќи ги прозорците на леталото.

Според истражителот на полициската управа во Ларедо, Хозе Баеза, во авионот имало шест лица кога се урнал на автопатот „Луп 20“, непосредно по 22 часот.






Засега не е познато дали загинатото лице било патник во авионот или се наоѓало на автопатот во моментот на несреќата. Петмина полицајци биле пренесени во болница поради вдишување чад.

Станува збор за двомоторен авион „Цесна“, кој полетал од Меѓународниот аеродром Лос Кабос во Мексико во 18:19 часот.

Причините за несреќата сè уште не се познати. Авионот се урнал при пристигнувањето во Ларедо, град кој се наоѓа на околу 225 километри југозападно од Сан Антонио.

Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат дека авионот по ударот во заштитна ограда на автопатот се превртел на страна, при што опашниот дел се откинал од трупот.

 

Очевидецот Зајра Гарза изјавила дека пристигнала на местото на несреќата додека авионот бил во пламен.

Таа видела лице во пилотската кабина кое се обидувало да го скрши прозорецот за да избега, по што неколкумина возачи излегле од своите автомобили и се обиделе да помогнат.

Според неа, од авионот успеале да излезат три лица кои изгледале како тинејџери, а потоа и лице за кое претпоставува дека било пилот. Друг член на екипажот се обидувал да извлече патник кој бил во бессознание.

– Беше како сцена од филм. Бев во шок. Најмногу се плашев дека авионот може да експлодира во секој момент – изјавила Гарза.

Компанијата „NetJets“ потврди дека едно од нејзините летала било вклучено во несреќата и соопшти дека целосно соработува со надлежните органи во истрагата.

„NetJets“ е во сопственост на инвестициската групација на милијардерот Ворен Бафет и нуди услуги за делумна сопственост на приватни авиони.

Поврзани содржини