ОСНОВНАТА КАМАТНА СТАПКА ЗГОЛЕМЕНА ЗА 0,25 ПРОЦЕНТНИ ПОЕНИ Како што се очекувало, инфлацијата забавила во мај

54

Извршниот одбор на Народната банка одлучи основната каматна стапка да се зголеми за 0,25 процентни поени, односно од 4% на 4,25%.

Одлуката се заснова на најновите податоци и информации и согледувањата за ефектите врз домашната економија од светските случувања.






Во однос на сегментите коишто се клучни за монетарната политика, од почетокот на годината е забележана поголема побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што условило поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар. Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации носат поголема извесност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток.

„Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици. Опстојуваат и притисоците врз инфлацијата. Имено, во мај годишната стапка на инфлација забави во согласност со очекувањата, но таа и натаму е на повисоко ниво и укажува на продолжена инфлација и побавно враќање кон историскиот просек. Истовремено, и дел од домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката и инфлацијата уште повеќе ја нагласуваат потребата од претпазливост при водењето на монетарната политика. Во такви услови, беше оценето дека умереното затегнување на монетарната политика, заедно со досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки, ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс, за стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата. Како резултат на засилените инфлациски притисоци во еврозоната, на последниот состанок на ЕЦБ каматните стапки беа зголемени за 0,25 процентни поени што претставува дополнителен фактор што се зема предвид при носењето на домашните монетарни одлуки“, соопшти Народната банка.

Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на мај, девизните резерви изнесуваат 5.209,7 милиони евра и се во сигурната зона, а нивната промена засега е во согласност со проекциите за вториот квартал.

Во текот на мај девизниот пазар беше стабилен, без интервенции од страна на Народната банка за надоместување на потребите за девизна ликвидност на економските субјекти.

Во мај 2026 година, годишната стапка на инфлација забави сведувајќи се на 4,8%, од 5,7% во април, главно под влијание на поумерениот раст на цените на храната, што се должи на повисоката споредбена основа од истиот период минатата година. Сепак, тековните показатели упатуваат на засилени инфлациски притисоци кај енергетската компонента, што создава ризици за пренесување на ефектите и врз останатите цени во економијата. Ова делумно е видливо преку засилениот раст на базичната компонента на инфлацијата. Најновите проекции за увозните цени упатуваат на повисока странска инфлација и умерено нагорно ревидирани цени на енергентите и на дел од прехранбените производи, во услови на одолжена неизвесност.

Иако очекувањата на потрошувачите за растот на цените во следниот период се малку поумерени во споредба со претходниот месец, ризиците за инфлацијата претежно се во нагорна насока. Домашната економија и натаму покажува отпорност во услови на неизвесно надворешно окружување. Во првиот квартал од 2026 година, реалниот раст на БДП изнесуваше 3,1%, што е блиску до очекувањата од последниот циклус проекции. Расположливите високофреквентни показатели за вториот квартал сѐ уште не овозможуваат попрецизни согледувања, но априлските податоци упатуваат на раст на индустриското производство и послаби остварувања кај прометот во трговијата. Во монетарниот сектор, согласно првичните податоци за мај, растот на депозитите е во рамките на проектираниот, но динамиката на раст на кредитната активност и натаму е над очекувањата и влијае врз домашната побарувачка.

Народната банка останува цврсто посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок. За таа цел, Банката најави дека ќе продолжи со внимателно следење на домашните и на меѓународните економски и финансиски движења, ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.

Поврзани содржини