ДО 15 ГОДИНИ БЕЗ ПРАВО НА ВЕТО ЗА НОВИТЕ ЕУ-ЧЛЕНКИ Кос открива нови правила за проширувањето

Европската комесарка за проширување Марта Кос најави можност идните членки на ЕУ привремено да останат без право на национално вето во одредени клучни области, како дел од новите заштитни механизми во пристапните договори.

171

Новите членки на Европската Унија би можеле да го изгубат правото на национално вето во одредени клучни области на повеќе од 15 години по приемот во членство, врз основа на новите „заштитни“ клаузули кои би биле вклучени во пристапните договори на секоја земја поединечно, изјави денеска европската комесарка за проширување Марта Кос, во моменти кога Украина и Молдавија официјално ги почнуваат преговорите за членство во ЕУ.

– Ова ќе биде нова генерација на пристапни договори, во смисла дека ќе имаме нови заштитни механизми – рече Кос, пренесе Еурактив.






Таа наведе дека целта на новите клаузули ќе биде да се обезбеди новите членки да ги почитуваат европските правила и пет, десет или петнаесет години по пристапувањето во Унијата.

Кос истакна дека новите одредби не значат воведување второкласен или придружен статус за идните членки.

– Полноправното членство ќе биде можно дури кога државите ќе ги исполнат сите услови. Не постои половично или четвртина членство. Постои само полноправно членство – порача европската комесарка за проширување.

Франција, Германија, Холандија, Белгија и Луксембург минатата недела побараа воведување нови заштитни клаузули за да се осигура дека идните членки нема да можат да ја „загрозат способноста на Европската Унија да делува“.

Кос, како што пишува Еурактив, со најавата на овие клаузули ги поддржа предлозите кои ги заговараат Франција и Германија, како и уште неколку држави членки, на идните членки да им се ограничи можноста за одлучување за буџетски, безбедносни и надворешнополитички прашања.

Стартувањето на новата фаза од формалните преговори за членство доаѓа во време кога сè поголем број влади на државите членки бараат дополнителни заштитни механизми во случај новите членки по приемот да отстапат од реформите во областа на демократијата, владеењето на правото или слободата на медиумите.

Поврзани содржини