182 ЛИЦА КОИ ЖИВЕАТ ВО АВСТРИЈА ПРИМАЛЕ МАКЕДОНСКА ПЕНЗИЈА ВО 2024 ГОДИНА Воспоставена електронска размена на податоци за пензионери

Од австриска страна во 2024 година се исплатени вкупно 2.018 пензии во износ од 9.172.676,51 евра.

71

Фондот на пензиско и инвалидско осигурување потпиша Договор за редовна размена на давања и податоци за смртност со институциите за задолжително австриско пензиско осигурување од Република Австрија, Институцијата за пензиско осигурување (PVA), Службата за социјално осигурување на претприемачи (SVS) и Институцијата за осигурување на вработени во јавни служби, железници и рударска индустрија (BVAEB).

Договорот го потпишаа директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов и д-р Винфред Пингера во името на австриските институции.






– Сакам да истакнам дека овој Договор е значаен напредок во нашата соработка и ќе овозможи поефикасна и побрза размена на податоци кои се од голема важност и ќе придонесе да се забрза процесот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување за граѓаните на Македонија и на Австрија – рече директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов.

Д-р Пингера нагласи дека потпишувањето на Договорот, некој би го оценил како мал чекор, но тоа е голем чекор за корисниците и за осигурениците.

– Овој чин покажува колку се добри нашите односи, колку е добро нашето заедничко работење. Со него им го олеснуваме остварувањето на правата на нашите осигуреници. Ова е важен чекор и се надевам не последен. Нашата соработка ни покажа дека можеме да работиме заедно, да си веруваме и да ја интензивираме идната соработка. Сакам да ви се заблагодарам на вашата помош и придонес во потпишувањето на овој Договор, затоа што е многу важен, иако можеби не се опфатени многу луѓе, но за нив лично тој е и тоа како важен – рече директорот Пингера.

Договорот го регулира обемот и начинот на размена на податоците, како и нивната безбедност и заштита, што се од исклучителна важност за работата на институциите, како и за довербата во пензискиот систем.

Потпишувањето на овој Договор, како што рече директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов, е една од клучните активности на Фондот во насока на подобрување на меѓународната соработка, особено преку воведувањето на електронска размена на податоци, со која се зголемува ефикасноста, прецизноста и квалитетот на услугите.

Фондот на ПИОМ досега има потпишано договори за електронска размена на податоци со сите држави што произлегоа од поранешна Југославија и со овој Договор со Република Австрија е заокружен процесот на соработка со земјите од регионот.

– Сакам да истакнам дека имаме јасна визија во кој правец треба да се движиме како Фонд и оваа соработка е чекор напред што ќе го подобри квалитетот на услугите, ќе ја зголеми точноста на податоците и ќе помогне да се исклучат сите можни грешки. Очекувам во иднина да ја прошириме размената со институциите од Република Австрија и со други важни информации од интерес на двете страни. Убеден сум дека потпишувањето на овој Договор ќе придонесе во зајакнувањето на соработка и е во најдобар интерес на граѓаните на двете држави – рече Мемов.

Во 2024 година, Фондот на ПИОМ исплатил пензии за 182 лица во Австрија во износ од 527.783,41 евра, а во 2025 година се исплатени 242 пензии во износ 653.097,74 евра. Од австриска страна во 2024 година се исплатени вкупно 2.018 пензии во износ од 9.172.676,51 евра.

Поврзани содржини