ГУГЛ ВЛЕГУВА ВО АВСТРИЈА СО ОГРОМЕН ЦЕНТАР ЗА ПОДАТОЦИ Ќе биде на 50 хектари и ќе работи од 2027 година

Првиот австриски центар за податоци на американскиот технолошки гигант се гради во Кронсторф, а компанијата најавува 100 директни работни места и илјадници дополнителни ангажмани во регионот.

0

Изградбата на првиот центар за податоци на Гугл во Австрија започна кон крајот на април, а неговото пуштање во употреба е планирано за 2027 година. Американската компанија наведува дека објектот ќе одговори на растечката побарувачка за облачни услуги и вештачка интелигенција.

Центарот се гради во Кронсторф, во покраината Горна Австрија, на површина од околу 50 хектари. Во општината живеат околу 3.500 жители.






Од Гугл најавуваат 100 директни работни места, како и илјадници дополнителни работни места поврзани со градежниот сектор, добавувачите и други локални компании. Компанијата најавува и соработка со локалната заедница, вклучително и мерки поврзани со заштитата на водите и енергетската транзиција.

На церемонијата на поставување на камен-темелникот, гувернерот на Горна Австрија, Томас Штелцер, оцени дека инвестицијата претставува „силен сигнал за Горна Австрија како локација за бизнис и иновации“.

Од Гугл наведуваат дека нивните центри за податоци се меѓу енергетски најефикасните во светот. Компанијата во Кронсторф најавува и зелен покрив со соларни панели, како и систем за искористување на отпадната топлина. Предвиден е и фонд за подобрување на квалитетот на водата во реката Енс.

Но, проектот предизвика и критики од локални жители и еколошки организации, главно поради големата потрошувачка на електрична енергија и вода.

Според австрискиот јавен сервис ОРФ, првата фаза од центарот би можела да има максимална потрошувачка на електрична енергија од 150 мегавати, со проценета годишна потрошувачка до 1,31 терават-час. За споредба, тоа одговара на годишната потрошувачка на околу 375.000 домаќинства.

Дополнително, критичарите предупредуваат на влијанието врз водните ресурси. ОРФ објави дека при целосна изградба на планираниот комплекс би можело да се испуштаат до 5,8 милиони литри загреана вода дневно во реката Енс.

Во меѓувреме, проектот веќе почна да се шири. Во јули годинава беа поднесени барања за втора фаза, со која целиот простор од 50 хектари би се претворил во поголем „Гугл кампус“. Според објавените планови, евентуалниот целосен капацитет би достигнал 500 мегавати.

Европа ја зголемува инфраструктурата, но САД и понатаму имаат голема предност

Центрите за податоци се клучна инфраструктура за облачните услуги и развојот на вештачката интелигенција. Европа во последните години забрзано ја зголемува својата капацитет, но сè уште заостанува зад САД.

Според податоците цитирани во извештај на Европската комисија, Европската Унија во 2025 година имала околу 20 отсто од глобалниот капацитет на центрите за податоци, додека уделот на САД бил околу 42 отсто.

Кога станува збор за бројот на објекти, разликата е исто така голема. Според податоци на Cloudscene цитирани во AI Index 2026 на Универзитетот Стенфорд, САД во 2025 година имале 5.427 центри за податоци, додека Германија имала 529, Велика Британија 523, а Франција 322.

Токму растечката потреба од инфраструктура за облачни услуги и вештачка интелигенција е една од причините поради кои големите технолошки компании продолжуваат да инвестираат во нови центри за податоци низ Европа.

Поврзани содржини