ПРЕКУ БЛАЦЕ ДО ПРИСТАНИШТЕТО ВО БАР Автопатот Скопје-Блаце ќе се гради со 5 тунели и 12 мостови

Проектот вреден околу 200 милиони евра ќе ја поврзе Македонија со Косово и индиректно со Црна Гора и пристаништето Бар. Според Николоски, трасата ќе биде една од најсложените во државата, со пет тунели, две галерии и 12 големи мостови.

141

„Македонија за првпат во својата историја истовремено гради повеќе автопатски делници, колку што во моментов не гради никоја од земјите во регионот. Еден од клучните инфраструктурни проекти што започнува е автопатот Скопје-Блаце, со кој државата ќе добие современа автопатска врска со Косово, а индиректно и со Црна Гора и пристаништето Бар“.

Вака изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју во вестите на ТВ Сител. Николоски истакна дека станува збор за комплексен патен проект, чија вредност е проценета на околу 200 милиони евра.






– Прво ми е драго што ќе го почнеме овој проект. Се работи за еден од најфреквентните патишта, затоа што ова е спојка со Косово и со Црна Гора од една страна, а од друга страна во однос на бизнисот се отвораме уште кон едно пристаниште, а тоа е пристаништето во Бар, така што го кратиме многу патот.

Според вицепремиерот, изградбата на автопатот Скопје-Блаце претставува сериозен инженерски зафат поради конфигурацијата на теренот и бројните инфраструктурни објекти што треба да се изградат.

– Проценетата вредност е некаде околу 200 милиони евра. Се работи за исклучително комплициран проект, со пет тунели, две галерии и 12 големи мостови. Драго што успеавме да го избереме ГРАНИТ како изведувач, за на тој начин да покажеме дека македонската оператива може да работи – нагласи Николоски.

На прашањето дали избраниот конзорциум ќе може да ги исполни роковите за изградба, Николоски изрази целосна увереност, нагласувајќи дека постапката била спроведена според строгите правила на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

– Апсолутно, затоа што ние одевме според правилата на ЕБОР, кои што се многу строги на овој избор. Така што, ако ЕБОР од Лондон рече дека ова е во ред, значи е во ред – изјави Николоски.

Осврнувајќи се на критиките од ДУИ дека проектот бил непотребно одложуван, министерот оцени дека причините за таквите реакции се поврзани со очекувањата за бизнис зделките на ДУИ за трасата на идниот автопат.

„Очигледно е дека се нашле како погодени, затоа што купуваа ниви на онаа траса која што тие мислеа дека ќе биде траса и мислеа дека експропријацијата ќе помине токму по тие ниви. За жал тоа нема да се случи, затоа што финалната траса не е баш таа која што ја замислуваа”, рече Николоски.

Поврзани содржини