БЕЗ ХИСТЕРИЈА, ДАТА-ЦЕНТРИТЕ СЕ ИДНИНАТА Македонија нема да остане настрана од светските текови

Премиерот вели дека десетици компании покажале интерес за инвестиции во дата-центри во Македонија. Според него, државата мора да ги следи светските трендови во вештачката интелигенција и современите технологии и нема да се повлече пред, како што вели, мала група поединци кои создаваат хистерија.

511

Владата нема да се откаже од плановите за привлекување инвестиции во дата-центри и покрај критиките што се појавија во јавноста, порача премиерот Христијан Мицкоски.

Тој оцени декамал број поединци се обидуваат на социјалните мрежи да создадат хистерија околу проектите што, според него, треба да донесат нова вредност, нови работни места и технолошки развој.






– Се обидуваме да ја развиваме државата, да создаваме нова вредност и нема да се повлечеме поради малкумина кои создаваат хистерија и мислат дека на тој начин ќе го манипулираат народот – рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека дата-центрите се основата врз која се развива вештачката интелигенција и дека светските економии веќе вложуваат огромни средства во овој сектор.

Како пример ја посочи Франција, која во последните години инвестира милијарди евра во вештачка интелигенција и податочни центри, додека САД својот економски раст сè повеќе го темелат токму на современите технологии.

Според Мицкоски, Македонија веќе добила десетици писма со намери од компании заинтересирани за вакви инвестиции, а паралелно се подготвуваат и законски измени што треба да ја регулираат оваа област.

Тој уверува дека критериумите за ваквите проекти ќе бидат строги и усогласени со најдобрите светски практики.

– Ќе застанам зад секој проект, не за еден мегават, не за пет, туку и за сто и повеќе мегавати, кога ќе бидат исполнети сите законски и технички услови – истакна премиерот.

Мицкоски порача дека државата нема да се откаже од современата технолошка економија и дека токму преку вакви инвестиции гледа можност за отворање добро платени работни места и задржување на младите во земјата.

Поврзани содржини