Академска длабока држава – кој навистина го контролира образованието во Македонија?
Во Македонија не е најголемиот проблем што политиката влегла во образованието. Најголемиот проблем е што делови од образовниот систем станале толку моќни што ги надживуваат сите влади, министри и реформи.
Во Македонија со децении се менуваат влади, министри, директори и образовни стратегии. Секоја нова власт доаѓа со ветувања за темелни реформи, повисок квалитет и нов почеток за образованието. Се менуваат законите, концепциите, програмите и раководствата. Но ако внимателно ги погледнеме институциите што одлучуваат за учебниците, наставните програми, акредитациите, изборите во звања и образовните политики, ќе забележиме една чудна појава – политичките гарнитури се менуваат, но влијателните образовни структури остануваат. Имам впечаток дека се зацементирани поцврсто и од бетон.
Токму тука се наметнува едно едноставно, но суштинско прашање: како е можно со години да се менуваат министри, директори, закони и стратегии, а проблемите да остануваат, а квалитетот на образованието континуирано да опаѓа на сите нивоа?
Затоа денес е оправдано да се постави прашањето дали во Македонија постои она што би можело да се нарече академска длабока држава. Под овој поим не подразбирам тајна организација или теорија на заговор. Напротив. Станува збор за систем на влијание кој се градел со години и децении, составен од институции, комисии, совети, одбори, експертски групи и поединци кои успеваат да го задржат своето влијание независно од изборните резултати и политичките промени.
Најголемиот проблем на македонското образование не е која партија моментално е на власт. Најголемиот проблем е што со години се создава затворен круг на влијание составен од академски и образовни функционери, членови на комисии, совети, одбори и агенции кои се појавуваат во различни улоги, различни институции и различни политички времиња, но речиси секогаш остануваат блиску до центрите на одлучување.
Власта се менува. Министрите доаѓаат и заминуваат. Политичките гарнитури се менуваат. Но образовната номенклатура останува.
Во секоја сериозна држава позициите на влијание се заслужуваат преку резултати. Кај нас, премногу често се создава впечаток дека позициите се репродуцираат преку припадност кон одредени академско-политички кругови, преку мрежи на влијание и преку меѓусебна поддршка. Токму затоа денес не е доволно да се праша која партија ја добила власта или која е на власт. Многу поважно е да се праша кој ги контролира институциите што ја обликуваат иднината на образованието.
Во јавноста најчесто се создава впечаток дека Министерството за образование и наука е единствениот центар на одлучување. Но реалноста е многу покомплексна. Вистинското влијание е распоредено низ десетици институции, тела и комисии кои имаат овластувања да одлучуваат за квалитетот, содржината и насоката на образовниот процес. Во високото образование тоа се националните совети, акредитациските и евалуациските тела, универзитетските сенати, ректорските колегиуми и бројните комисии што одлучуваат за студиски програми, научни проекти и избори во звања. Во основното и средното образование тоа се Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, Центарот за стручно образование и обука, комисиите за наставни програми, телата за учебници и различните работни групи кои ги креираат образовните политики.
Секоја од овие институции претставува дел од сложениот мозаик на влијание врз образовниот систем.
Сепак, влијанието не произлегува само од институциите како такви. Тоа произлегува и од континуитетот на одредени академски кругови кои со години се појавуваат во различни тела и функции. Доволно е да се анализираат составите на националните совети, акредитациските и евалуациските тела, комисиите за учебници и работните групи за образовни реформи во последните две децении за да се забележи дека дел од истите личности и кругови континуирано учествуваат во креирањето, спроведувањето и оценувањето на образовните политики. Прашањето не е дали тие лица се стручни. Прашањето е дали е здраво за системот кога влијанието останува концентрирано во релативно тесен круг луѓе, независно од политичките промени.
Но академската длабока држава има и свои механизми. Истите автори. Истите рецензенти. Истите комисии. Истите експерти. Истите советници. Истите членови на одбори. Истите акредитациски кругови. Истите фирми кои со години се појавуваат во процесите поврзани со учебници, образовни материјали и јавни набавки.
Луѓе кои денес се автори на учебници, утре се рецензенти на други учебници, задутре членови на комисии за нивно одобрување, а потоа и учесници во работни групи што ги креираат наставните програми. Не станува збор за сомнеж кон нечии професионални способности. Станува збор за воспоставен систем кој со години се репродуцира самиот себе.
Во секоја област во која со години се појавуваат истите актери, природно е да се постави прашањето дали системот е доволно отворен за нови идеи, нови луѓе и нови решенија. Не е здраво за ниту еден образовен систем кога една иста група луѓе се јавува како автор на учебник, рецензент на друг учебник, член на комисија за одобрување на трет учебник, учесник во работна група за наставни програми и советник во институција која треба да го следи квалитетот на целиот процес.
Проблемот не е во поединците, туку во системот што со текот на времето почнува да се репродуцира самиот себе, наместо да создава простор за конкуренција, квалитет и нови идеи.
Најголемиот парадокс е што речиси секоја образовна реформа во последните дваесет години ја подготвувале, оценувале или спроведувале исти или меѓусебно поврзани структури. Ако резултатите се слаби, а истите актери постојано се дел од процесот, тогаш логично е да се постави прашањето: кој сноси одговорност?
Интересно е што и при подготовката на различните образовни стратегии и реформски документи низ годините повторно се појавуваат исти институции, слични експертски кругови, многу блиски концепциски пристапи и честопати речиси идентични препораки и заклучоци. А сепак, секоја нова стратегија во јавноста беше претставувана како нов почеток, нова визија и решение што конечно ќе ги надмине слабостите на системот и ќе донесе подобри резултати. Тоа отвора легитимно прашање дали честите стратегии навистина носат нова визија и нови решенија или, пак, претставуваат варијации на веќе воспоставени концепти и идеи обликувани од истите кругови на влијание.
Не може едни исти структури со децении да ги предлагаат реформите, да ги спроведуваат реформите, да ги оценуваат реформите и на крај да не сносат никаква одговорност кога реформите ќе пропаднат.
Македонското образование не е жртва на недостиг од стратегии, закони и реформи. Ниту, пак, исклучиво на недостиг од квалитетни министри кои доволно длабоко ја познаваат оваа проблематика. Образованието пред сè е жртва на недостиг од одговорност.
Младите луѓе масовно бараат образование надвор од државата. Работодавачите предупредуваат дека системот произведува дипломи, но не и доволно компетенции. Довербата во образованието континуирано опаѓа. А сепак, ретко кој се осмелува да го отвори прашањето за структурите што со години ги креираат, спроведуваат и оценуваат реформите.
Доколку оваа власт навистина сака реформи, не е доволно само да постави министер. Не е доволно да донесе нов закон. Не е доволно да промени неколку директори. Потребно е да се отвори прашањето за целата архитектура на влијание во образованието. Потребно е да се направи мапа на моќта. Да се види кој одлучува. Кој предлага. Кој оценува. Кој контролира. Кој профитира. Кој одговара.
Без тоа, секоја реформа ќе биде само нов слој боја врз стар и напукнат систем. Во Македонија не е најголемиот проблем што политиката влегла во образованието. Најголемиот проблем е што делови од образовниот систем толку длабоко навлегле во политиката што станале недопирливи за секоја власт и за секоја реформа. Уште позагрижувачки е што ниту еден министер досега не успеа сериозно да го отвори ова прашање и да се соочи со него како со суштински проблем на образовниот систем.
Затоа суштинското прашање денес не е дали образованието го контролира ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или која било друга политичка партија. Вистинското прашање е дали постојат центри на моќ кои ги надживуваат сите влади и продолжуваат да влијаат врз најважните одлуки во образовниот систем.
Моето долгогодишно следење на образовните политики и функционирањето на институциите ме води кон заклучок дека такви структури на влијание навистина постојат. Затоа за мене проблемот не е партиски. Проблемот е системски.
Македонија нема потреба од уште една образовна стратегија на хартија. Македонија има потреба од храброст да ги преиспита оние што со децении ги дизајнираат, спроведуваат и оценуваат образовните политики. Системските проблеми не се решаваат со проста смена на министри, туку со избор на квалитетни министри кои ќе имаат знаење, интегритет и храброст да се соочат со длабоко вкоренетите проблеми и да воспостават јасна одговорност на сите нивоа.
На Македонија ѝ е потребен министер кој ќе има знаење, интегритет и политичка храброст да ги разгради мрежите на влијание, привилегии и меѓусебна заштита што со години се создавале во образовниот систем. Подеднакво важно, потребна е квалитетна, професионална и одговорна образовна администрација која ќе работи во интерес на учениците, студентите и наставниот кадар, а не во интерес на бирократските структури. Последните случувања поврзани со Филозофскиот факултет уште еднаш покажаа дека кога институциите потфрлаат, најголемата цена ја плаќаат оние што се најмалку виновни – студентите. Токму затоа реформата мора да започне со воспоставување одговорност, професионалност и јасни правила на функционирање на целиот образовен систем.
И можеби токму таму треба да започне вистинската реформа. Не од врвот на политиката. Туку од срцето на системот.