AЛИУ ОТКРИ КОИ СЕ ПЛАНОВИТЕ ЗА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ВО ЗДРАВСТВОТО Помалку чекање, многу повеќе податоци и ред
Теледерматологија, дигитални патеки на лекување и подобро поврзување на матичните лекари со болниците се дел од планот за реформи во македонското здравство до 2030 година. Министерот Азир Алиу во Латвија истакна дека малите земји можат да бидат лидери во ваквите решенија каде со подобри податоци се намалува административниот товар.
Македонското здравство чекори по патот на дигитализацијата, а меѓу следните планирани чекори се дигитализирани патеки на лекување, приоритетно управување и тријажа и развој на мултидисциплинарни тимови кои ќе ги поврзат примарното, секундарно и терцијарното здравство.
Ова се дел од најавите на министерот за здравство Азир Алиу на дванаесеттиот состанок на високо ниво на Иницијативата за мали земји на Светската здравствена организација за Европа, што се одржува во Рига, Латвија.
Претставувајќи ја Националната програма на министерствот за 2026-2030 година, тој истакна дека таа е една од клучните реформи.
– Малите земји не секогаш имаат најголеми ресурси, но можат да имаат најбрза адаптација, најдобра координација и најсилна политичка волја за промени. Нашата цел е да изградиме здравствен систем кој подобро го користи знаењето на здравствените работници, го намалува административниот товар и им овозможува повеќе време за пациентите – истакна Алиу на сесијата посветена наоптимизација на здравствената работна сила.
Тој спомна и пилот-проект за теледерматологија кој има за цел да ја доближи специјалистичката услуга до пациентите во руралните и оддалечените средини.
– Дигиталното здравство за нас не е цел само по себе. Тоа е инструмент за подобра грижа. Кога податоците го следат пациентот, лекарот има поцелосна слика, пациентот добива побрза и побезбедна услуга, а системот станува поорганизиран и поодговорен – рече Алиу.
Осврнувајќи се на новиот Закон за евиденциите во здравството, како дел од процесот за усогласување со Европскиот простор за здравствени податоци, како и на унапредувањето на националниот регистар на здравствени работници.
Дводневниот состанок е посветен на едно од најважните прашања за здравствените системи во Европа – како малите земји, во услови на ограничени ресурси, миграција на здравствен кадар, стареење на населението и растечки потреби на пациентите, можат да создадат одржливи и иновативни решенија за здравствената работна сила.
На посебен панел беше отворена и темата за вештачка интелигенција вод здравство. Алиу, заедно со министери и претставници од европски земји говореше за преминот од фрагментирани системи кон поврзана податочна архитектура во здравството.
Воедно, тој порача дека вештачката интелигенција може да биде силна поддршка за здравството, но не смее да стане замена за човечката одговорност.
Учеството на состанокот во Рига е дел од пошироката заложба на Министерството за здравство за активно вклучување во европските здравствени процеси, размена на искуства со другите земји и примена на иновативни решенија што можат да ја зголемат одржливоста на здравствениот систем.