ФИЛКОВ РАБОТИ ПРИНЦИПИЕЛНО И ВО ИНТЕРЕС НА ПРАВОТО Димитриевски уверува во конкретни резултати од реформите

Максим Димитриевски порача дека ЗНАМ останува фокусирано на реформи и институционална работа, со целосна поддршка за министерот за правда Игор Филков.

40

Претседателот на Движењето ЗНАМ – за Наша Македонија, Максим Димитриевски, порача дека партијата останува доследна на принципите на владеење на правото, институционална одговорност и почитување на Уставот и законите, при што, како што истакна, целосна поддршка има министерот за правда Игор Филков и неговиот професионален пристап во водењето на ресорот.

Во интервју за неделникот „Фокус“, Димитриевски нагласи дека ЗНАМ не ја гледа Владата низ призмата на партиски надмудрувања, туку како систем на институционална координација и одговорност, каде секој ресор постапува во рамки на своите законски надлежности.






– Министерството за правда, предводено од министерот Игор Филков, има јасен и принципиелен став дека сите решенија мора да бидат во рамки на Уставот и законите. Владеењето на правото мора да биде над политичките или етничките калкулации – посочи Димитриевски.

Тој додаде дека прашањето за правосудниот испит не смее да биде предмет на дневнополитички притисоци или импровизации, туку решенијата мора да бидат системски и правно издржани, во согласност со мислењата на релевантните институции и меѓународните стандарди.

Претседателот на ЗНАМ ги отфрли наводите за маргинализирање на министерот Филков, оценувајќи дека станува збор за политички конструкции без реална основа.

– Министерот за правда Филков е во постојана комуникација и координација со Владата околу сите прашања од надлежност на Министерството. ЗНАМ целосно стои зад неговиот професионален, непристрасен и принципиелен пристап – истакна Димитриевски.

Тој, како што информираат од ЗНАМ, нагласи дека партијата останува фокусирана на реформската агенда и реализацијата на програмските определби, а не на, како што рече, кадровски шпекулации и политички конструкции.

Димитриевски оцени дека ресорите што ги предводи ЗНАМ – Министерството за правда и Министерството за јавна администрација – веќе испорачуваат конкретни резултати преку подготовка и усвојување на значаен број законски решенија, како и преку реформи кои добиваат позитивни оценки и од меѓународниот фактор.

Поврзани содржини