Здравство што памети, поврзува и учи

Нашиот здравствен систем веќе има поставено важни дигитални темели. „Мој Термин“, електронските упати, електронските рецепти, телемедицинските модули, дигиталните услуги и постојните информациски системи покажуваат дека јавниот здравствен систем има капацитет да се модернизира уште повеќе и уште потемелно.

33

Дигиталната здравствена стратегија 2026 – 2030 влегува во финална фаза, со што државата и граѓаните за прв пат ќе добијат фундаментален документ кој ќе ја постави новата архитектура на здравствениот систем: поврзан, безбеден, транспарентен и усогласен со европските стандарди. Софтверот, апликациите и националните технички решенија се само еден сегмент кој ќе го олесни остварувањето на целите на стратегијата за подобра здравствена грижа, посигурни одлуки, посилни здравствени институции и поголема доверба меѓу пациентот, лекарот и системот.

Во здравството, информацијата има животна вредност, затоа што може да значи побрза дијагноза, подобра терапија, избегната грешка, пократок пат до специјалист, помал административен товар и поголема сигурност за пациентот. Кога здравствените податоци се расцепкани и расфрлани во повеќе системи или подсистеми, тогаш и грижата станува расцепкана и дифузна. Или илустративно, кога лекарот гледа само дел од медицинската историја, неговата одлука се носи врз непотполна и недоволна слика. Затоа дигиталната трансформација треба да се разбере како суштинска здравствена реформа со која одлуките ќе се носат на основа на податоци (data drivendicision), а не како спореден технички процес.






Нашиот здравствен систем веќе има поставено важни дигитални темели. „Мој Термин“, електронските упати, електронските рецепти, телемедицинските модули, дигиталните услуги и постојните информациски системи покажуваат дека јавниот здравствен систем има капацитет да се модернизира уште повеќе и уште потемелно. Системот го придвижуваме кон следна, позрела фаза: сите овие системи да се поврзат во еден функционален екосистем, во кој пациентот ќе се движи низ здравствениот систем како една целина, а не како некој што постојано ја носи сопствената медицинска документација од шалтер до шалтер, од доктор до доктор, од институција до институција.

Еден од клучните концепти во оваа стратегија е поврзаноста. Во техничкиот јазик тоа се нарекува интероперабилност, но во секојдневниот живот тоа значи дека здравствениот систем нема да биде изолиран остров, туку дел од поврзана државна инфраструктура што им служи на граѓаните. Резултатот од лабораторија, наодот од специјалист, отпусното писмо, терапијата, дијагностичката слика и медицинската историја ќе бидат дел од една разбирлива, функционална, безбедна и достапна здравствена целина. Истата логика важи и за поврзувањето со другите институции, на пример, кога ќе се роди дете, податокот од здравствената установа, согласно законските правила и заштитата на личните податоци, навремено ќе биде споделен со надлежните матични служби, за родителите полесно да добијат извод од матичната книга на родените. Кога ќе настапи смрт, системот треба да овозможи податокот да стигне до надлежните институции за да се издаде потребната документација (посмртница), без семејствата во најтешките моменти да бидат изложени на непотребно физичко спроведување на административни процедури. Тоа е суштината на модерен и дигитализиран систем – податокот да се движи безбедно низ институциите, а граѓанинот да не мора да се движи по административни патеки.

Ова е и прашање на доверба, затоа што пациентот има право да знае што стои во неговото здравствено досие, кој пристапил до неговите податоци, за која цел и под кој основ. Здравствениот податок е продолжение на личното достоинство на човекот. Во него се запишани болеста, стравот, терапијата, надежта, приватноста и довербата. Затоа процесите на дигитализацијата ќе се развиваат со интегрирање и на елементи кои произлегуваат од етиката, заштитата, транспарентноста и правата на пациентот.

Пристапот на пациентите до сопствените здравствени податоци е една од најважните промени што ја носи оваа стратегија. Тоа значи можност граѓанинот да има увид во своето досие, да ја следи сопствената здравствена историја, да ги разбере податоците што системот ги создава за него и да учествува поактивно во лекувањето. Кај хроничните болести, превенцијата, скринингот и долгорочното следење, ова може да направи огромна разлика. Информираниот пациент ќе стане партнер во грижата за сопственото здравје.

Дигиталното здравство ќе му помогне и на лекарите, на кои им се потребни помалку административни пречки и повеќе клинички релевантни информации во вистинскиот момент. Добро организираниот електронски здравствен систем ќе им заштеди време, ќе ги намали или целосно отстрани потребите за повторувања на дијагностички постапки, притоа овозможувајќи подобра комуникација меѓу различни нивоа на здравствена заштита и создавајќи посилна поддршка за медицинско одлучување. Технологијата има вредност кога му помага на лекарот да биде попрецизен, побрз и посигурен во своето постапување.

Но, вистинската сила на стратегијата е во тоа што таа го поставува здравствениот систем како систем што континуирано учи. Здравството создава огромно количество податоци секој ден, податоци поврзани со болести, ризици, терапии, исходи, регионални разлики, потреби на пациентите, капацитети на установите. Кога тие податоци се добро организирани и интегрирани во една целина, тогаш реално може да очекуваме државата да развие капацитет за подобро да планира. Преку овој нов системски капацитет, ќе може полесно да се идентификува каде треба повеќе превенција, каде недостига кадар, каде има застои, кои скрининг-програми да се зајакнат и кои групи граѓани имаат потреба од посебна поддршка.

На овој начин дигитализацијата станува и системска алатка за поправедно здравство, бидејќи, временски и просторно, ќе го намали растојанието до услугата, особено за граѓаните во руралните средини, постарите лица, социјално ранливите категории и сите што потешко доаѓаат до специјалистичка грижа. Телемедицината, дигиталната писменост, пристапните сервиси и јасните кориснички патеки ќе бидат важен дел од една поширока политика на еднаков пристап.

Сакам да ја нагласам и европската димензија на стратегијата, која е особено важна. Усогласувањето со Европскиот здравствен простор на податоци ќе значи дека го градиме својот систем врз стандарди што ќе овозможат безбедна размена на податоци, прекугранична грижа, подобро истражување, повисока заштита на правата на пациентите и посилна институционална одговорност. Но оваа димензија има и уште подлабока развојна вредност. Податоците што здравствениот систем веќе ги создава, доколку се соодветно заштитени, деидентифицирани и употребени според строги етички и правни правила, можат да станат основа за научни истражувања, за развој на модели на вештачка интелигенција и за попрецизни здравствени политики. Тоа отвора можност во иднина да добиеме подобро насочени превентивни програми, поперсонализирани здравствени пакети и подлабоко разбирање за тоа како одредени терапии делуваат кај нашето население, вклучително и преку анализи што ќе ги земат предвид генетските, клиничките и јавноздравствените карактеристики на граѓаните. Европските вредности и стандарди, затоа, не се поставени само како цел, туку се прифатени како методологија за ред, квалитет, научен напредок и долгорочна одржливост.

Во периодот до 2030 година, заедно со дигитализацијата, ќе започнеме и со внимателно, регулирано и одговорно воведување на вештачката интелигенција во здравството, во согласност со строгите критериуми што ги поставува Европската Унија преку AI Act. Нашиот пристап е вештачката интелигенција да биде алатка за поддршка, а не замена за лекарот. На пример, при анализа на скрининг за рак на дојка, покрај стручната проценка на двајца радиолози, во иднина ќе може да се користи и АИ-алатка како дополнителна поддршка за потврда, споредба и прецизност на наодите. Веруваме во потенцијалот на вештачката интелигенција, но уште повеќе веруваме во знаењето, искуството и одговорноста на лекарите. Одлуката секогаш мора да остане кај човекот – кај медицинскиот работник кој го познава пациентот, ја разбира клиничката слика и ја носи крајната стручна и етичка одговорност. Затоа стратегијата поставува прецизна институционална архитектура: дигиталното здравство и примената на АИ ќе имаат носители, надлежности, правила, стандарди, буџет, кадар, надзор и механизми за следење. Реформите можат да даваат траен резултат само кога се вградени во институции, а не кога зависат од ентузијазмот на поединци.

Особено важно е што стратегијата ја третира безбедноста како составен дел од сигурноста на пациентите. Заштитата на здравствените податоци, контролата на пристапот, трагата кој ги користел податоците, отпорноста на системите и плановите за континуитет се дел од современата здравствена култура, кон чиј развој цели оваа стратегија.

До 2030 година нашата цел е да имаме поврзан, безбеден, транспарентен и европски усогласен дигитален здравствен систем. Систем во кој пациентот ќе има поголема контрола врз сопствените податоци, лекарот ќе има подобри алатки за работа, а институциите ќе планираат врз основа на докази.

Здравството на иднината ќе биде здравство што памети, поврзува и учи. Но тоа треба да биде и здравство што разбира дека технологијата сама по себе не е реформа, односно станува реформа само тогаш кога е исполнета со доверба, етика, знаење и институционална одговорност. Како што предупредува Дебора Лаптон, дигиталните здравствени технологии не се неутрални алатки, туку „социокултурни артефакти“ – создадени од човечки одлуки, вредности и претпоставки за телото, здравјето, болеста и однесувањето (Digital Health: Critical and Cross-Disciplinary Perspectives, 2018). Затоа нашата стратегија ја поставува дигитализацијата како јавна одговорност: податокот да биде заштитен, пациентот да биде почитуван, лекарот да има целосна слика, а системот да ја користи технологијата за поголема праведност, а не за нови нееднаквости.

Во оваа смисла, се надоврзуваме и на разбирањето на Светската здравствена организација (СЗО) дека дигиталното здравство е употреба на информациско-комуникациски технологии во поддршка на здравјето и областите поврзани со здравјето. Тоа значи дека целта не е граѓанинот да биде оставен сам пред екран, туку дигиталните решенија да ја направат грижата поблиска, попрецизна и почовечна. Современата научна литература за дигитално здравство нагласува дека вистинската промена се случува кога пациентот станува активен учесник во сопствената здравствена патека, кога лекарот добива подобра поддршка во стручната одлука, а институциите планираат врз основа на знаење, докази и реални потреби. На овој начин дигиталната трансформација ќе прерасне во нов договор на доверба меѓу граѓаните и јавното здравство.

Поврзани содржини