НОВ СОЈ НА ВИРУСОТ ЕБОЛА ПРЕДИЗВИКУВА ВИСОКА СМРТНОСТ И СТРАВ Конго регистрираше 80 смртни случаи

Не постои вакцина ниту специфичен третман за сојот Бундибугио, велат одговорните во Конго.

100

Демократска република Конго регистрираше 246 сомнителни случаи на ебола и 80 смртни случаи за кои се верува дека се предизвикани од варијанта позната како бундибугио, која се смета за многу смртоносна и за која нема вакцина ниту специфичен третман на заразените.

– Со овој сој, стапката на смртност е многу висока, може да достигне 50% – изјави министерот за здравство на Демократска Република Конго, Самуел-Роџер Камба.






Според него, тој сој на вирусот ебола што ја предизвика сегашната епидемија во Демократска Република Конго има многу висока стапка на смртност.

-Не постои вакцина ниту специфичен третман за сојот Бундибугио – рече Камба на прес-конференција во главниот град на Конго, Киншаса.

Еболата е тешка и често фатална вирусна болест што предизвикува висока температура, крварење и откажување на органите.

Земјата ја доживеа својата последна епидемија на ебола помеѓу август и декември 2024 година. Таа епидемија одзеде најмалку 34 животи во централниот дел од земјата.

Најсмртоносната епидемија во распространата централноафриканска земја со повеќе од 100 милиони луѓе резултираше со речиси 2.300 смртни случаи од вкупно 3.500 заразени помеѓу 2018 и 2020 година.

Еболата, која предизвикува многу заразна хеморагична треска, останува голема закана и покрај неодамна развиените вакцини и ефикасни третмани што постојат за еден вид на вирусот. Во Африка, однесе 15.000 животи во последните 50 години, а стапката на смртност за време на минатите епидемии се движеше помеѓу 25 и 90 проценти, според податоците од Светската здравствена организација (СЗО).

Ова е 17-та епидемија на ебола во ДР Конго откако болеста за прв пат беше идентификувана во 1976 година во Заир, тогашна Демократска Република Конго.

Други африкански земји, вклучувајќи ги Гвинеја и Сиера Леоне, беа погодени од ебола во последниве години.

Поврзани содржини