„Не сме чуле никаде“ – или не сакале да слушнат?

Во официјалниот бугарски дискурс, македонскиот национален идентитет се третира како изобличување на бугарскиот идентитет – конструкција чија легитимност зависи од одржувањето на „антибугарска идеолошка конструкција“. Ако ова не е негирање, тогаш зборот сосема го губи своето значење.

166

Венко Филипче изјави: „Не сме чуле никаде од Бугарија дека го негира нашиот идентитет.” Тоа би било помалку зачудувачко кога бугарските позиции навистина би биле нејасни, имплицитни или дипломатски прикриени. Но, тие со години се експлицитно формулирани во официјални државни документи, парламентарни декларации и позиции формално доставени до Европската Унија. Не станува збор за изјави кои треба да се толкуваат, да се бараат меѓу редови или да се извлекуваат од дипломатски разговори. Тие се јавно достапни, писмено фиксирани и институционално обврзувачки. Оттука, просто е неверојатно да се тврди дека нешто не е кажано кога тоа со години континуирано се повторува на најформален можен начин. Ги анализирам овие прашања со години, вклучително и преку анализи објавени во угледни меѓународни академски списанија, и фактите се недвосмислени: оној што не слушнал, не слушнал затоа што не сакал да слуша.

Да почнеме со основите. Националната рамковна позиција на Бугарија од 2019 година и парламентарната декларација усвоена истата година не се став на одредена влада или партија. Тие претставуваат обврзувачка државна доктрина што ја обврзува секоја бугарска влада. Оваа доктрина содржи три конкретни и јасно формулирани тврдења: дека македонската историја пред 1944 година е „бугарска историја“, дека македонскиот јазик е „бугарско наречје во некогашната југословенска република“ и дека македонската нација е вештачка конструкција создадена по 1944 година преку „пренапишување на историјата на дел од бугарскиот народ“ врз основа на „антибугарска идеолошка конструкција“ под „југословенски тоталитаризам“. Значи, во официјалниот бугарски дискурс, македонскиот национален идентитет се третира како изобличување на бугарскиот идентитет – конструкција чија легитимност, според таа логика, зависи од одржувањето на таа „антибугарска идеолошка конструкција“. Кога ќе се отстрани таа „антибугарска идеолошка конструкција“ тогаш логички исчезнува и легитимноста за постоење на посебен македонски идентитет. Ако ова не е негирање, тогаш зборот сосема го губи своето значење.






Но, негирањето не останува само на рамниште на владини позиции и парламентарни декларации. Тоа е оперативно – вградено во конкретни механизми со мерливи последици. Македонските организации во Бугарија остануваат забранети и покрај повеќекратните пресуди на Европскиот суд за човекови права, а Бугарија не спровела ниту една од нив. Земја членка на Европската Унија нема имплементирано пресуди на европски суд што директно се однесуваат на правото на организирање на македонската заедница на нејзина територија. Ова е конкретна и мерлива форма на негирање на македонскиот идентитет во практика.

Особено илустративна е логиката зад самото барање за уставни измени. Пописот во Македонија од 2021 година евидентираше 3.500 граѓани што се изјасниле како Бугари по етничка припадност, а само околу 1.500 го посочиле бугарскиот јазик како мајчин. Сепак, Бугарија во суштина не бара уставно признавање на оваа пописно евидентирана заедница. Наместо тоа, тврди дека над 100.000 македонски граѓани треба да бидат третирани како дел од бугарската уставна категорија – врз основа на тоа што поседуваат бугарски пасоши добиени преку бугарскиот режим на дијаспорско државјанство. Тој режим е изграден врз доктрината дека Македонците се од бугарско потекло и затоа имаат право на бугарско државјанство доколку го потврдат тоа потекло. Со други зборови, пасошката шема е директно продолжение на самото негирање: прво се тврди дека Македонците се всушност Бугари, а потоа бројот на оние што прифатиле такви пасоши – под силни практични поттикнувања поврзани со предностите на поседување пасош на земја-членка на ЕУ – се користи како аргумент за уставно реструктурирање. Целиот механизам се потпира врз негирањето на македонскиот идентитет, а не врз неговото уважување.

Вториот протокол (записник), усвоен во 2022 година во рамките на таканаречениот француски предлог, го институционализира овој притисок во самата архитектура на пристапниот процес. Со вградувањето на обврските што произлегуваат од член 12 од Договорот за добрососедство во петтиот параграф од Преговарачката рамка на ЕУ, заедно со Копенхагенските критериуми, условеноста поврзана со историјата и идентитетот ќе добива процедурална видливост на секоја меѓувладина конференција откако ќе започнат преговорите за членство – а бидејќи секоја таква конференција бара едногласност, Бугарија го задржува структурното вето на секој чекор. Притоа, застојот во Историската комисија поради крајно спротивставените позиции на двете страни околу историските толкувања Протоколот (записникот) ги третира како доказ за „недоволен напредок“ на Македонија. Во истиот контекст, Бугарија испрати и официјална декларација до Европската Унија во која експлицитно повторува дека терминот „македонски јазик“ за неа означува регионална, односно дијалектна варијанта на бугарскиот јазик.

Во официјалната бугарска рамка, секое македонско историско тврдење што го потврдува континуитетот на македонската посебност пред 1944 година може да биде окарактеризирано како израз на „антибугарска идеолошка конструкција“ па дури и говор на омраза, со оглед на тоа дека Протоколот воопшто не го дефинира тој поим. Академското и јавното афирмирање на македонскиот историски идентитет на тој начин се претвора во повод за приговори во пристапниот процес. Овие барања како и завршување на целата работа на Историската комисија според Протоколот треба да се исполнат до членството на Македонија во ЕУ. А ваквите барања, пак, не можат да се исполнат без суштинско прифаќање на бугарската доктринарна рамка – односно без признавање дека македонскиот идентитет е во својата основа бугарски.

Тврдењето на Филипче е особено неодржливо кога ќе се погледнат хронологијата и изворите. Националната рамковна позиција е усвоена во 2019 година. Парламентарната декларација – исто така во 2019 година. Бугарското вето кон крајот на 2020 година беше оправдано токму со „недоволен напредок“ во Историската комисија. Бугарскиот парламент во мај 2025 година повторно едногласно потврди дека „европскиот консензус“ ги вклучува протоколите што ги операционализираат историските и идентитетските барања. Бугарскиот министер за надворешни работи истата година експлицитно изјави дека уставните измени не се единствен услов – тие се само еден од условите. Ова не се измислици за потребите на домашните политички битки туку официјални бугарски документи, позиции и изјави.

Разбирам дека постои искушение прашањето за европската интеграција да се сведе на тврдење дека постои само еден услов, дека тој услов е едноставен и дека сè друго е политичка манипулација. Но, одговорноста кон граѓаните бара радикално поинаков пристап. Тие заслужуваат точна слика за тоа со што навистина се соочува Македонија. А таа слика покажува дека Бугарија не само што го негира македонскиот идентитет, туку тоа негирање го претвори во структурна алатка на условеност вградена во самиот процес на европска интеграција. Оној што „не слушнал никаде“ за ова, или не ги прочитал јавно достапните документи, или свесно избрал да не ги чита. Ниту едното ниту другото не е оправдување за коментирање прашања од ваква тежина со толкава доза цинизам, ниту, пак, преправањето дека проблемот не постои ќе придонесе тој сам од себе да исчезне.

Авторот е универзитетски професор и доктор на политички науки

Поврзани содржини